(Видео) Спасовски: Мирните и демократски избори ја обезбедуваат иднината на нашата држава

пред 2 месеци

Мирните и демократски избори ја обезбедуваат иднината на нашата држава. Затоа и ве поканувам во еден празничен изборен дух да ги избереме идните преставници на локалната власт, како што доликува на земја која е членка на НАТО и е на пат за членство во Европската унија, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во обраќањето во пресрет на изборите в недела.

Тој вели дека политичката свест кај граѓаните за одговорноста која ја имаат пред иднината на својата држава е на високо ниво и дека интегритетот на изборниот процес зависи од целосното почитување на основните демократски принципи.

„Моето длабоко уверување е дека на 17 октомври нашата татковина ќе го положи својот демократски испит на зрелоста. Политичката свест кај граѓаните на Република Северна Македонија за одговорноста која ја имаат пред иднината на својата држава е на едно високо ниво. Интегритетот на изборниот процес зависи од целосното почитување на основните демократски принципи, според кои граѓаните можат слободно да ја изразат својата волја преку гласачките кутии, во мирна атмосфера, без каква било форма на притисок, а притоа почитувајќи ги и мерките за заштита од Ковид-19“, вели Спасовски.

Според Спасовски, Министерството за внатрешни работи има една од клучните улоги во спроведувањето на изборните процеси и ги презема сите надлежности што се предвидени со Изборниот законик.

Тој уверува дека МВР е максимално подготвено да одговори на предизвиците околу безбедноста на изборниот процес.

Спасовски апелира најнапред до носителите на изборните активности, кандидатите за градоначалници и политичките субјекти што ги поддржуваат тие кандидати, да ги остават граѓаните самостојно да си ја донесат одлуката.

„Борбата на идеи е втемелена во нивните изборни програми, кои имаа можност да ги претстават за време на предизборната кампања. Сега е редот на граѓаните да го направат изборот според сопствените убедувања. Но, би сакал да ја искористам оваа последна прилика пред почетокот на предизборниот молк да испратам порака и до граѓаните – бидете партнери на македонската полиција, затоа што безбедноста е наша заедничка цел. Партнерскиот однос значи и размена на информации, навремено пријавување во МВР на евентуални незаконски активности во врска со изборниот процес, нарушувања на вашето избирачко право или било каква злоупотреба на тоа уставно загарантирано право. Ние сме тука соодветно да одговориме, полицијата е подготвена да биде гарант за заштита на законитоста, редот и безбедноста“, вели Спасовски.

Scroll to Top