Османи на средба со Борисов и Захариева во Софија

пред 2 години

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, утре, 9 октомври, ќе престојува во работна посета на Република Бугарија, каде што ќе има средби со бугарскиот премиер, Бојко Борисов, и со вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева. „Посетата претставува прва билатерална посета на министерот Османи и е во духот на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји и интензивирањето на политичкиот дијалог. На средбата ќе се разгледаат можностите за продлабочување на билатералната соработка во областа на инфраструктурата, здравството, одбраната, туризмот, образованието, културата, како и сите други области, во кои се остварува успешна соработка во согласност со напорите за спроведување на договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, соопштија од МНР. Од таму велат дека министерот Османи со премиерот Борисов и со Захариева ќе размени мислења за напредокот на регионот во процесот на европската интеграција, како и за активностите што ѝ претстојат на Република Северна Македонија, напредокот на реформскиот процес и одржувањето на првата меѓувладина конференција и формалното почнување на пристапните преговори со ЕУ до крајот на годината за време на германското претседавање со Советот на Европската Унија. Како копретседавачи со берлинскиот процес, министерот Османи со својот домаќин, министерката Захариева, ќе ги разгледа досега преземените и идни ангажмани во пресрет на состаноците и самитот на берлинскиот процес, кој ќе се одржи на 10 ноември во Софија. Тема на разговорите ќе бидат и актуелните состојби во регионот, регионалната соработка и други значајни меѓународни теми.

Scroll to Top