(Видео) Фирмите, трговците поединци и занаетчиите може да аплицираат за новата линија бескаматни кредити

пред 3 години

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, денес на заедничка прес-конференција со ЕУ амбасадорот Дејвид Гир и директорот на Развојната банка на Северна Македонија Кире Наумов, изврши промоција на новата, трета по ред бескаматна кредитна линија Ковид 3, која од денес станува достапна за микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии, а со која на располагање се ставаат 31 милион евра.

„Би сакал да се заблагодарам на Европската Унија, која преку механизмот EU4Resiliance од ИПА програмата обезбеди 30 милиони евра за реализација на оваа мерка, додека еден милион евра е државна поддршка од наменските програми во Буџетот за справување со корона вирусотод страна на Владата“, соопшти вицепремиерот Битиќи.

На јавниот повик може да аплицираат сите микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии чие работење е погодено од коронавирусот, а може да се измери преку падот на приходите.

„Во оваа трета кредитна линија, на барање на Занаетчиските комори, првпат е проширен таргетот на кредитната линија и им е дадена шанса и на занаетчиите кои имаат пад на своите приходи најмалку 20%, да можат да понесат кредитно барање за кредит со 0% камата“, рече Битиќи.

Оваa мерка е континуитет на претходните две кредитни линии Ковид 1 и Ковид 2, со кои беа обезбедени бескаматни кредити во вредност од 13,5 милиони евра, за 1.376 компании, за зачувување на близу 18.000 работни места во овие компании.

Директорот на развојната банка на Република Северна Македонија, Кире Наумов, ги презентираше сите детали на јавниот повик при што посочи дека кредитите ќе бидат без камата, со три години рок на отплата и вклучен грејс период до шест месеци, а ќе може да се користат за набавка на основни и обртни средства заради непречено финансирање на тековните активности и потребата од обртен капитал на субјектите.

„Минимален износ на кредит за кој ќе може да се поднесе барање е 3.000 евра, а максималниот износ изнесува 5.000 евра за трговец поединец и занаетчија; и 15.000 евра за микро и мали трговски друштва. Објавата на Јавниот повик ја правиме денес, а почетокот за доставување кредитни барања за Ковид 3 е на 16 декември од 00 часот и 01 минута на полноќ. Кредитни барања ќе може да се доставуваат сè до 30 декември до 23 часот и 59 минути, односно повикот трае вкупно 15 дена. Пристигнатите кредитни барања ќе се обработуваат по завршување на јавниот повик, хронолошки, по принципот ,,прв дојден, прв услужен”, појасни директорот Наумов.

Аплицирањето ќе биде исклучиво електронски на е-маил адресата [email protected]

Новина во оваа кредитна линија е грант компонентата од 30% која корисниците на кредит од Ковид 3 ќе можат да ја добијат. Грант компонентата се однесува на четири категории субјекти, и тоа:
– Прва категорија субјекти се оние кои се управувани од жена, или пак имаат во сопственичката структура жена или жени со учество од најмалку 50%;
– Втора категорија субјекти се оние кои се управувани од млади лица до 29 години согласно европската дефиниција за млади, или пак имаат млади во сопственичката структура од најмалку 50%;
– Трета категорија субјекти се извознички компании, кај кои учеството на приходите од странство во вкупните приходи е најмалку 50%;
– И четврта категорија е најширока, а се однесува на субјекти кои реализираат активности, односно проекти во областа на зелена економија, модернизација и дигитализација на деловните процеси преку набавка на опрема или воведување нов начин на продажба, како и иновација од аспект на воведување на нови производи и нови услуги;

Правото на грант ќе можат да го остварат кредитокорисниците на Ковид-3 по отплата на 50% од износот на кредитот, со поднесување на барање за грант до Развојната банка.

Scroll to Top