Влада: Во тек е исплатата на еднократната финансиска помош од 6.000 денари, може да се искористат во кој било период

пред 3 години

Вчера и денеска на сметките на граѓаните се уплатени вкупно 1.51 милијарди денари, или 24,6 милиони евра, со кои се поддржуваат ранливите групи на граѓани. По комплетирањето на списоците на лицата и извршените административно-технички проверки, над 280 илјади граѓани на трансакциска сметка ќе добијат еднократната помош во висина од 6.000 денари, соопшти Владата.

Со оваа мерка, велат од таму, истовремено се поддржува целокупната домашна економија, преку стимулирање на личната потрошувачка, а граѓаните средствата може да ги користат во кој било период без рокови и ограничувања.

Еднократната помош се однесува на граѓаните со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица на возраст од 16 до 29 години, самохран родител, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, со пресек на 27-ми септември, односно денот кога беше објавен четвртиот пакет на економски мерки.

Средствата се уплатени на трансакциските сметки на граѓаните во комерцијалните банки, додека за оние граѓани кои немаат отворено трансакциска сметка досега, оваа услуга ќе им биде овозможена од банката во која е распореден соодветниот граѓанин, а за која може да добие информација со внесување на својот ЕМБГ на веб страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk.

Од Владата информираат дека за многу мал дел од вкупниот број на граѓани, за самохран родител, филмски работници и естрадни уметници, списоците ќе бидат административно-технички потврдени и исплатени до крајот на оваа недела.

Дополнително, велат од таму, приговорите кои стигнуваа до Генералниот секретаријат на Владата активно се разгледуваат.

За граѓаните чии приговори се прифатени, нивните податоците ќе бидат ажурирани и објавени на веб страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk.

Scroll to Top