Влада: Следната година се очекува приход од над 250 милиони евра од производството на канабис

пред 3 години

За следната година се очекува преку 250 милиони евра приходи од производство на канабис за медицински цели, со што ќе се стимулира отворање на нови високо платени работни места, велат од Владата.

Во врска со барањето на производителите на канабис за медицинска употреба, за што поскоро донесување на измените на Законот за контрола на опојни дроги, за овозможување на извоз на цвет на канабис, од Владата велат дека одлуката треба да ја донесе Собранието, каде имало одредено блокирање во изминатиот период.

„Владата во повеќе наврати укажуваше дека е добро законските измени да бидат изгласани до крајот на оваа година за следната да очекуваме преку 250 милиони евра приходи од производство на канабис за медицински цели, со што ќе се стимулира отворање на нови високо платени работни места. Со ова се следат светските и европски стандарди и се носат дома искуствата на држави како Канада, Холандија и Чешка кои годишно заработуваат околу 55 милијарди долари од оваа дејност. Канабисот е една од најдинамичните индустрии во светот и политиката на Владата е не само да ги препорачува овие искуства, туку и понатаму да ги поддржува компаниите кои влегуваат во овој бизнис кој во нашата земја веќе отвора илјадници добро платени работни места“, беше посочено на денешната редовна прес-конференција на портпаролите на Владата.

Scroll to Top