Демократски сојуз: Минимална плата од 300 евра и пензија 200 евра

пред 2 години

Демократскиот сојуз го поддржува барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и ја охрабрува Владата што побрзо да донесе измени на Законот за минимална плата,стои во соопштението од демократскиот сојуз.

Тие потсетуваат дека уште во јануари 2016 година, пратеникот и претседател на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, предложи измени на Законот за минимална плата во Република Македонија заради зголемување на минималната плата на 300 евра, но Собранието тогаш немаше разбирање за донесување вакви измени.

Понатаму во соопштението се вели дека Демократскиот сојуз отсекогаш врвен приоритет е подобрувањето на стандардот на граѓаните, како основен предуслов за раздвижување на сите позитивни процеси во државата, посебно на економскиот развој и зголемувањето на продуктивноста. Ниските плати не ги мотивираат вработените, негативно влијаат на продуктивноста, иновациите, поради што и младите и креативни кадри заминуваат во странство.

Потсетуваме дека потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство според пресметките на Сојузот на синдикатите достигна близу 35.000 денари или 570 евра, што е за 100 евра повеќе од просечната плата од 28.800 ден.

Дополнително, врз стандардот на граѓаните влијание сигурно ќе има и енергетската криза поради која во јануари 2022 г. се очекува зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата.

Од Демократскиот сојуз очекуваат зголемувањето на минималната плата да ги поттикне компаниите кои остваруваат профити да ги зголемат и другите плати на вработените со што ќе се зголеми и просечната плата, а на тој начин ќе се подобри животниот стандард на граѓаните.

Владата исто така, треба да ја разгледа можноста за буџетска поддршка на компаниите од текстилната и други индустриски гранки, кои поради објективни пазарни услови не се во можност да остваруваат приходи за да исплатат минимална плата.

Истовремено, Демократскиот сојуз инсистира на силни антикорупциски мерки, рационализација на непродуктивните трошоци, на бројот на државните функционери и нивните привилегии, со што ќе се обезбедат дополнителни средства за помош на ранливите компании.

Демократскиот сојуз го поддржува и предлогот за прогласување на недела за неработен ден, што секако ќе има влијание за соодветно вреднување на правата на работникот и зголемување на продуктивноста.

Воедно сакаме дa ја актуализираме и потребата за утврдување и на минималната пензија од 200 евра, се вели во соопштението.

Scroll to Top