Народната банка организира регионална работилница за предизвиците за статистиката коишто ги наметна пандемијата

пред 3 години

Народната банка организира статистичка работилница посветена на предизвиците за статистиката коишто ги наметнува пандемијата на ковид-19. Целта на работилницата којашто се одржа вчера, беше да ги обедини статистичарите од централните банки во регионот, односно од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Романија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора, коишто ги разменија досегашните искуства и практики и понудија решенија за надминување на предизвиците што произлегоа од ковид-кризата. Иницијативата на Народната банка наиде на одличен одзив и на работилницата учествуваа статистичари од десет централни банки од регионот.

„За разлика од претходните кризни епизоди, коишто упатија на потреба од пополнување на т.н. „празнини на податоците“, односно изготвување податоци што недостасуваат за носење соодветни одлуки, оваа криза дополнително ги нагласи потребата и предизвиците во поглед на обезбедување континуитет, односно навременост и квалитет на целокупниот статистички процес“ – истакна меѓу другото вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во своето обраќање со коешто ја отвори работилницата.

Во обраќањето, посочувајќи дека секоја криза носи предизвици за статистиката и статистичарите, Митреска подетално се осврна и на предизвиците коишто досега се констатираа во текот на актуелната криза. Притоа, посочи и дека во овој специфичен период, нашата централна банка успеа да ги обезбеди сите статистички истражувања без доцнење, со задржување на стандардниот квалитет.

Како што беше истакнато на работилницата, целокупниот контекст на пандемијата на ковид-19 влијае врз прибирањето и дисеминацијата на статистичките податоци, во време кога статистиката е најпотребна. Преку презентациите и дискусијата на работилницата се овозможи размена на искуствата за специфичните проблеми со кои се имаат соочено статистичарите во досегашниот период од кризата и беа презентирани повеќе индивидуални решенија.

Статистичарите коишто учествуваа на работилницата заклучија дека централните банки од регионот, во однос на остварувањето на своите задачи како носители на статистики, спроведоа соодветни мерки за надминување на шокот предизвикан од првиот бран на пандемијата на ковид-19, со што „новата нормала“ засега има ограничено влијание врз целиот статистички систем.

Scroll to Top