Регионална работилница посветена на предизвиците за статистиката од ковид пандемијата

пред 3 години

Народната банка организираше статистичка работилница посветена на предизвиците за статистиката коишто ги наметнува пандемијата на ковид-19. Целта на работилницата којашто се одржа вчера, беше да ги обедини статистичарите од централните банки во регионот, односно од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Романија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора, коишто ги разменија досегашните искуства и практики и понудија решенија за надминување на предизвиците што произлегоа од ковид-кризата. Иницијативата на Народната банка наиде на одличен одзив и на работилницата учествуваа статистичари од десет централни банки од регионот, соопшти денеска Народната банка.

–За разлика од претходните кризни епизоди, коишто упатија на потреба од пополнување на т.н. „празнини на податоците“, односно изготвување податоци што недостасуваат за носење соодветни одлуки, оваа криза дополнително ги нагласи потребата и предизвиците во поглед на обезбедување континуитет, односно навременост и квалитет на целокупниот статистички процес, истакнала меѓу другото вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска на отворањето на работилницата.

Во обраќањето, посочувајќи дека секоја криза носи предизвици за статистиката и статистичарите, Митреска подетално се осврнала и на предизвиците коишто досега се констатираа во текот на актуелната криза. Притоа, посочила и дека во овој специфичен период, нашата централна банка успеа да ги обезбеди сите статистички истражувања без доцнење, со задржување на стандардниот квалитет. Искуството на Народната банка во овој поглед, односно деталните аспекти на процесот на прибирање и изготвување на статистичките податоци во услови на корона-криза беа образложени во презентацијата од Дирекцијата за статистика.

–Како што беше истакнато на работилницата, целокупниот контекст на пандемијата на ковид-19 влијае врз прибирањето и дисеминацијата на статистичките податоци, во време кога статистиката е најпотребна. Преку презентациите и дискусијата на работилницата се овозможи размена на искуствата за специфичните проблеми со кои се имаат соочено статистичарите во досегашниот период од кризата и беа презентирани повеќе индивидуални решенија, со што работилницата овозможи збогатување на знаењата и капацитетите на централните банки од регионот за справување со предизвиците коишто во статистичката област би можеле да дојдат до израз во иднина. Конкретно, на виртуелниот настан беа одржани десет презентации, преку коишто се отворија и прашања за натамошните предизвици за статистиката (како на пр. веројатноста од идни поголеми ревизии на податоците), по што следеше дискусија за нив, информира Народната банка.

Статистичарите кои учествувале на работилницата заклучиле дека централните банки од регионот, во однос на остварувањето на своите задачи како носители на статистики, спровеле соодветни мерки за надминување на шокот предизвикан од првиот бран на пандемијата на ковид-19, со што „новата нормала“ засега има ограничено влијание врз целиот статистички систем.

-Статистичките системи не само што докажаа дека се отпорни на овој вид шокови, каков што беше првиот бран на корона-кризата, туку во некои од земјите, носителите на статистика и во услов на корона-шокот направија методолошки подобрувања, започнаа со примена на полесен пристап до податоците за корисниците, обезбедија полесен начин на спроведување на статистичките истражувања и доставување податоци од страна на известувачите, воведоа нови и подетални податоци. Меѓу носителите на статистики коишто се вбројуваат во овие позитивни примери е и нашата централна банка. Во изминатиот период, Народната банка почна да доставува повеќедимензионални податоци за директните инвестиции до Еуростат, почнa со редовно објавување подетални прегледи на портфолио-вложувањата на резидентите во странски хартии од вредност, а во тек е и подготовката за првото објавување на податоците од статистиката на финансиските сметки, стои во соопштението.

На работилницата било заклучено и дека дека носителите на статистичките истражувања и натаму, во услови на корона-криза, можат да се соочат со предизвици какви што се тешкотии при прибирањето на истражувањата, помалата респонзивност за одговор на статистичките истражувања и доцнењето во доставувањето на податоците од известувачите. Во однос на ваквите проблеми, на работилницата се разговарало за повеќе можни решенија, врз база на досегашните искуства од периодот на кризата.

– Статистичарите од десетте централни банки од регионот изразија задоволство од споделените искуства и донесените заклучоци и од напорите на Народната банка, не само за достигнувањето на високите статистички стандарди, туку и како кохезивен фактор на носителите на статистиките, наметнувајќи се како еден од лидерите меѓу носителите на статистички истражувања во регионот, велат од НБ.

Scroll to Top