ССМ: Работниците надгласани за минималната плата од Владата и од работодавачите

пред 3 години

Сојузот на синдикатите на Македонија соопшти дека на денешната седница на Економско – социјалниот совет (ЕСС), првпат, за потребата од усогласување на минималната плата, работодавачите и Владата со осум наспроти четири гласа ги надгласаа работниците за висината на износот на усогласување на минималната плата согласно Законот која се усогласува врз основа на една третина од порастот на просечно исплатената плата, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на БДП за претходната година според податоците на Државниот завод за статистика.

Како што наведува ССМ, претставниците на Владата и работодавачите сметале дека реалниот пораст на БДП може да биде и во минус. Според нивните пресметки, усогласувањето на минималната плата ќе биде пониско за 211,00 денари и ќе изнесува околу 15.190,00 денари.

Воедно се додава и дека на седницата не било прифатено барањето на ССМ, минималната плата да се зголеми за 60 отсто од просечната плата и да не изнесува помалку од 16.976 денари особено, ако се знае, како што посочува ССМ, дека само за лекување поради заболување или изолација од КОВИД -19 имаше зголемен трошок за витамини и лекарства за најмалку 6.000 денари месечно, а тука се и зголемените цени на сите производи, односнос синдикалната минимална кошничка која е неопходна за едно четиричлено семејство изнесува 33.702 денари.

-Иако Законот за минимална плата укажува на користење на терминот пораст, за претставниците од МТСП, Министерството за економија, Министерство за финансии и работодавачите истиот како таков во минус мора да се земе во пресметката – иако тоа никаде не е напишано во Законот за минималната плата и со тоа на таков начин усогласувањето на минималната плата по нивните пресметки ќе биде пониско за 211,00 денари и ќе изнесува околу 15.190,00 денари. ССМ смета дека таквото усогласување на минималната плата на начин на кој и параметарот за реалниот пораст на БДП иако во Законот не е предвидено се пресметува како минус и е спротивно на Закон и со тоа работниците, ќе бидат оштетени за најмалку околу 2.500,00 денари годишно, стои во соопштението.

За ваквото надгласување на работниците за усогласувањето на нивната минимална плата, а со тоа и утврдување понизок износ на минималната плата, ССМ најавува дека ќе поведе постапки пред надлежните институци и ќе ги преземе сите законски мерки и можности за да се исправи оваа, како што оценува, неправда.

Scroll to Top