ССМ ја презентираше новата мобилна алатка за пријавување на прекршени работнички права

пред 3 години

Работниците на кои им се прекршени работничките права во државата, ќе можат да пријават преку новата мобилна апликација на Сојузот на синдикати на Македонија, „ССМ – Мои работнички права“, а пријавите веднаш потоа ќе бидат проследени до Државниот инспекторат за труд (ДИТ).

Оваа апликацијата беше презентирана денеска од страна на ССМ и ДИТ, кои воедно потпишаа и Меморандум за соработка.

Како што изјави на денешната прес-конференција претседателот на ССМ, Дарко Димовски, Меморандумот има за цел унапредување на соработката меѓу овие две институции во насока на зголемување на ефикасноста и соработката во остварувањето, заштитата и унапредувањето на работничките права, како и обезбедување директна правна заштита при пријавување прекршени работнички права.

Исто така, целта е и обезбедување директна правна заштита при пријавување прекршени работнички права, токму преку користење на новата мобилна алатка.

Алатката е изработена со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Според Димовски, значајно за апликацијата е тоа што истата нуди можност и за пријавување на прекршено право за себе и за друго лице, анонимно пријавување, директна комуникација со претставници на Сојузот на синдикати на Македонија и следење на вести и совети од ССМ од трудовото право, т.е. да не се прекршат работничките права кои се утврдени со закон и колективен договор.

-Апликација е направена преку проектот за зајакнување на социјалниот дијалог кој заедно со МОТ, и со вакво ребрендирано делување на ССМ, е наша заложба, определба и предизвик за претстојниот период во кој ќе настојуваме на сите работници на кои им се одземени и нарушени работничките права да можат на време да пријават, а ние како ССМ да интервенираме за да не поминат роковите за жалби до Државниот инспекторат за труд, па подоцна и до судовите, посочи Димовски.

Апликацијата е поддржана од Меѓународната организација на трудот и Европската Унија, преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог.

Scroll to Top