Васил Гарванлиев сепак ќе оди на Евросонг за да не се наруши угледот на МРТВ и да се избегнат финансиските последици

пред 3 години

По реакциите на јавноста за евровизискиот спот на Васил Гарванлиев, неговата изјава дека има и бугарско државјанство, но и по петициите со кои се бараше тој да не ја претставува Македонија на Евросонг, интерната комисија што ја оформи Македонската радио телевизија, одлучи дека не се прекршени правилата на ЕБУ и дека Васил ќе пее во Ротердам. Во заклучокот на комисијата стои и дека тие дале препорака до МРТ во иднина да размисли дали треба да учествува со свој претставник на големи музички и културни манифестации.

„Комисијата за утврдување одговорност во Македонската радио телевизија, по реакциите на јавноста предизвикани пред сè од видео спотот на годинашниот македонски претставник на Евровизија, како и изјавите на претставникот Васил Гарванлиев, одржа состанок. По детално разгледување на Извештајот и пропратната документација, комисијата утврди дека МРТ во целост ги испочитувала и интерните постапки, но и процедурите на ЕБУ.

Одлуката за избор на Васил Гарванлиев за македонски претставник на Евросонг 2020 била по пат на интерна селекција, според моделот еден претставник/една песна. Бил упатен Јавен повик до авторите од земјава и од странство, на кој од пристигнатите понуди се избрала песната со која Гарванлиев беше одреден за претставник на Евросонг 2020 во Ротердам. Поради прогласената пандемија од Ковид-19, Евросонг 2020 бил откажан од страна на организаторот ЕБУ.

И оваа година, МРТ повторно аплицирала и го избрала истиот пејач за свој претставник на Евросонг 2021, по примерот на 24 земји што исто така решиле да ги испратат ланските претставници. Од пристигнатите песни на јавниот повик, музички новинари од МРТ и самиот пејач се усогласиле дека песната Here I Ѕtand би била најсоодветен избор.

Случајот во јавноста настанал по објавувањето на спотот, поради два кадра што биле протолкувани како спорни. Според извештајот, станува збор за поинаква перцепција, поради која уметничкото дело на Жанета Вангели предизвикало асоцијација на знаме на туѓа држава. По реакциите од јавноста, спотот е повлечен и преработен, а работната група веднаш реагирала и на тој начин спречила дополнително нарушување на кредибилитетот на МРТ.

Во врска со вториот контроверзен момент, изјавите на Гарванлиев дека има двојно државјанство, работната група посочува дека станува збор за дел од интервју дадено пред повеќе од една година што сега добило публицитет, а согласно со правилата на ЕБУ, МРТ нема право да дискредитира никого по основа на верски, национални или други определби и дека има целосна слобода да одреди за претставник пејач независно од неговото државјанство. Праксата покажала дека речиси на секој Евросонг има такви случаи.

Комисијата обрна посебно внимание и го цени укажувањето на шефицата на делегацијата во извештајот, дека евентуалното откажување од настап на Евросонг би предизвикал финансиски и други импликации по МРТ и драстично би го нарушило угледот и на државата во меѓународни рамки. Сепак, имајќи го предвид сево ова, Комисијата предлага во иднина сериозно да се преиспита учеството на МРТ на меѓународни културни манифестации“, стои, меѓу другото, во одлуката на интерната комисија.

Scroll to Top