Васил Гарванлиев ќе пее автобиографска песна на Евросонг

пред 3 години

Васил Гарванлиев на годинашниот Евросонг во Холандија ќе ја пее песната Here I Stand, која ја напиша сам. Васил ги направи музиката и текстот, а аранжманот и продукцијата се на Борче Кузмановски и Давор Јордановски.

„По разочарувањето лани, Here I stand ја напишав во еден здив, без притоа да помислам за каде и за кого ја пишувам песната. Веројатно тие се оние ретки моменти кога ќе се споите сами со себе и ќе оставите вашата емоција да ве понесе. Особено сум горд што имам можност со автобиографска песна да ја претставам Македонија на Евросонг, а јас едвај чекам да ја испеам на сцената“, вели Васил.

Песната ќе се снима во студио во Скопје, со симфониски оркестар во живо, а придружните вокали во Чикако ќе ги снимат поранешни членови на Детскиот хор на Чикаго, каде и Васил членуваше како дете.

Песната Here I stand ќе биде промовирана на почетокот на месец март заедно со спотот.

Претходно, Васил ја сними евровизиската разгледница во виртуелно студио во МТВ. За да се избегне патување, организаторите на Евровизија осмислија видео разгледници во кои секој од учесниците ќе се појави на различни локации во Холандија преку холограм.

Евровизија годинава ќе се организира според усвоени протоколи за заштита од Ковид 19, при што делегациите ќе присуствуваат во Ротердам, но ќе се одржува физичка дистанца, ќе има чести тестирања во арената, редуциран капацитет на публика, кој ќе се движи од 0 до 80%, во зависнот од моменталната состојба и пропишаните закони на локалните власти. Во случај да се влоши ситуацијата со короната, а за да се одржи шоуто, секоја национална телевизија мора да обезбеди претходно снимен настап од својот претставник, кој евентуално ќе се искористи како телевизиска снимка.

Scroll to Top