„Заслужувам љубов, а не само навреди дека сум дебела“ – Пејачката Ивона Јовановиќ облече свилен фустан како порака дека го сака своето тело

пред 3 години

Македонската пејачка и блогерка, Ивона Јовановиќ, (24) првпат во животот се охрабри да облече тесен свилен фустан и покрај вишокот килограми. На фотографиите што ги објави на социјалните мрежи ги покажа сите недостатоци на телото и испрати порака дека секој заслужува љубов, без оглед на изгледот. Коментарите во јавноста беа поделени, од поддршка за храброста, до навреди за изгледот и дебелината. Пред да ги објави фотографиите, Ивона се конултирала и со нејзините дома  кои биле против нејзината желба да ги објави сликите на „Инстаграм“.

„Сепак, решив да ги објавам. Уште од мала  ме учеа дека дебелите девојки носат само долга облека што ги покрива сите мани и недостатоци. Ме учеа да молчам на секој кажан булинг збор како ‘дебела’, ‘свиња’ и слично. Ми требаше многу време да сфатам која сум, но прифаќањето и љубовта кон себе е првиот чекор да го смениме она што ни пречи кај нас“, рече Ивона за „Репортер“, која публиката ја знае од шоуто „Ѕвездите на Гранд“.

Идејата да се слика со свилен фустан, во стилот на холивудските актерки била нејзина. Кога првпат ги видела сликите како конечно се видела себеси. „Ја видов Ивона која заслужува љувов“, па додава: „24 години своите недостатоци ги гледав како најголем непријател, па не успеав да живеам целосно исполнет живот. Сега можам да носам што сакам ако се чувствувам убаво во тоа. Знам дека моето тело не е фатална грешка, туку убаво, нежно, женско тело достојно за љубов. И иако не е по пропорции што се општеството прифатени, нема да дозволам булинг, доста живеев таков живот“, вели таа. Низ разговорот Ивона рече дека проблемот со килограмите за неа е болна тема за зборување, и дека од се најтешко е да се надмине психичката бариера за да се прифати вистината.

„Иако лани имав успешен обид и симнав 30 килоргам, пак си ги вратив исто како што ги симнав, несвесно. Сега работам на свесниот дел во мене и одлично ми оди. Се обидувам да ја зголемам љубовта кон себе“, вели Ивона.

Не е тајна дека како дете имала здравствени проблеми за кои не сака многу да зборува, но сега тоа е надминато, па вели дека е во одлична здравствена состојба. Докторите ја советуваат да ослабе. А на прашањето дали размислувала за стеснување на желудникот, вели: „Никогаш нема да направам нешто такво, знаејќи каков ризик носи со себе“.

Фотографиите со кои сака да испрати порака дека се чувствува убаво во своето тело, наидоа и на негативни коментари и критики, повторно едене вид булинг на нејзиниот изглед.

„Се крена огромна бура по објавувањето. Моите дома не беа многу радосни за идејата, но не успеаја да ме стопираат со нивните критики. Откако ги објавив сликите имше негативни коментари, конструктивни критики, но и многу навредливи. Луѓето мислеа дека промовирам дебелина и гојазност како нешто нормално во 21 век, могумина  се загрижија за моето здравје и сметаа дека сум во тотален здравствен хаос. Буквално луѓето сè си дозволија да ми речат. Но јас само промовирам љубов кон себе и можам да кажам дека го сакам моето тело по фотосесијата што ја направив“, ни кажа Ивона.

Не е првпат пејачката преку социјалните мрежи да испрати порака дека девојките треба да си го сакаат телото, без оглед на сè. Пред неколку години, таа се сликаше на базен во костим за капење за да се соочи со дебелината и со проблемот што самата си го наметнала како средношколка.

„Тогаш имав 30 килограми помалку од сега. Кога успеав да симнам дел од вишокот мислев дека светот е мој. Но, многу грешев затоа што пак се здебелив. И искрено, не можев веќе да стојам пред огледало и да си кажувам дека се мразам, дека мразам што сè виси на мене и да очекувам трајна промена. Промена ќе направам кога ќе си го прифатам секој дел од себе како сопствено ремек дело што треба да се негува и чува“, вели Ивона.

А на прашањето дали смета дека крупните девојки ќе ја прифатат иницијативата нејзината иницијатива и ќе си ја зголемат самодовербата, Ивона вели: „Доволно е да го облечат својот омилен фустан, да застанат пред огледало и да се гледаат ко кралици. Да се чувствуваат удобно во своја кожа. По објавата ми стигнаа пораки од девојки што се охрабриле и се погледнале без да се мразат“, додава таа.

Андријана Јовановска

Scroll to Top