Амбасадорите на земјите членки од ЕУ со поддршка за имплементација на владиниот План за борба против корупцијата

пред 3 години

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, одржа работен состанок со амбасадорот на Делегацијата на Европската унија, Дејвид Гир, и со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Македонија. Темата на состанокот беше имплементацијата на усвоенот оперативен План за борба против корупција.

Вицепремиерот Николовски, пред амбасадорите ги презентираше мерките коишто се преземени во првите шест месеци од мандатот, како и планираните мерки од оперативниот План. Во тој контекст, посочи дека се исполнети препораките во делот на носење на нов поприменлив Кодекс за етичко однесување на именуваните функционери, назначување на лице за интегритет и за судир на интереси, регистар за строга евиденција за примање подароци, подигање на нивото на транспарентноста на советниците на функционерите, зајакнување на меѓуинституционалната комуникација со сите надлежни антикорупциски институции и независни тела.

„Во функција е и новиот Национален регистар на вистински сопственици. Оваа алатка обезбедува точни и ажурни податоци за вистинските сопственици на фирмите, односно точно се знае кој стои зад некоја фирма, што е важно за спречување на одлив на незаконски стекнати пари. Од воведувањето на Регистарот, досега се упишани над 5.000 правни субјекти, бројката се очекува да биде поголема по доставувањето на годишните сметки, за што поради КОВИД пандемијата се продолжи рокот. Го зајакнавме и контролниот механизам, односно инспекциските служби. Во време на глобална пандемија, со законски измени ги зголемивме надлежностите на сите инспекциски служби.“, посочи вицепремиерот Николовски.

На состанокот од страна на ЗПВ Николовски беа детално образложени сите 18 мерки содржани во оперативниот План за борба против корупцијата.

„ Лично сум убеден дека имаме неселективен пристап, ќе ги увериме граѓаните дека законот мора да важи за сите, дека секој што го прекршил ќе мора да сноси одговорност за своите постапки и ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите“, порача вицепремиерот Николовски.

Тој ја образложи потребата од дигитализација и зајакнување на истражните центри, дигитализација на матичните книги, поврзување на антикорупциските институции преку платформата за Интероперабилност, воведување на регистар за државна помош, регистар за издавање на лиценци и дозволи, електронско поврзување на инспекторатите, измени на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, воведување на регистар за службени возила. Во насока на подигање на свеста на граѓаните и администрација за препознавање и спречување на корупција, вицепремиерот Николовски, појасни дека со Планот е предвидено секоја институција да назначи и јавно да објави овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење на евентуална корупција и институциите да донесат годишна Антикорупциска Програма. Дополнително, ќе биде воведен Систем за следење на предмети и претставки преку отворање на повикувачки центар, преку кој граѓаните и фирмите ќе можат да пријавуваат случаи на корпуција, ненавремно или несоодветно постапување од надлежните институции по однос на нивните поднесени барања. Николовски посочи дека во насока на управување на јавните претпријатија, со Планот е предвидено намалување на членовите на управните одбори и точно прецизирање на критериумите за избор.

Присутните амбасадори понудија поддршка во спроведувањето на реформите во согласност со стандардите на ЕУ.

Scroll to Top