(Видео) Сајкоски: Уапсените во акцијата „Мафија“ се сликани со Спасовски

пред 3 години

Уапсените во акцијата „Мафија“ се фотографирани во друштво на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави на прес-конференција, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски.

Тој посочи дека аферата покажува силна вмешаност на највисоките структури од државата во давање на логистика, поддршка и заштита на најсилните мафии, и нарко картели во Европа и пошироко.

„Според билтенот на МВР уапсена за овој случај е жена вработена во службата за изработка на пасоши со иницијали Н.З. Токму ова лице во семејна атмосфера го гледаме со прво повиканиот во аферата „Мафија“ Оливер Спасовски што јасно се гледа од оваа фотографија. Значи само кога ќе гребнете по површината сомневањата недвосмислено одат до врвот на власта каде се Зоран Заев и Оливер Спасовски“, изјави Сајкоски.

Постапувањето на МВР за овој случај, од ВМРО-ДПМНЕ го оценуваат како скандалозно. Сајковски рече дека до овој момент нема ниту една објавена потерница по ниту еден од над двестата криминалци, нарко-босови и престапници кои добиле македонски пасош со украден идентитет. Наместо тоа Седат Пекер чија мрежа во Истанбул турската полиција ја апси, во Македонија полицијата на Спасовски го штити. Сајкоски прашува зошто водачот на Шкаљарскиот клан во Србија лежел во затвор поради таков македонски пасош, а во Македонија со Заев и Спасовски на власт овие луѓе не се повикани ниту на разговор.

Сајкоски изјави и дека и уште еден од низата кој има македонски пасош е Луи Волина, фатен 2019-та и осуден 2020-та година на 6 години затвор во Шпанија за трговија на дрога, а кој при апсењето поседувал македонски пасош на друг човек со иницијали Н.М.А.

„Нема ден, да нема скандал, нема ден Заев да не правда некој министер кој до гуша е заглавен во криминал. Со македонски пасоши се убивале луѓе, се тргувало со дрога, сериозни картели правеле криминал. Спасовски прво треба да си поднесе оставка заедно со Заев, а веднаш потоа мора да има одговорност“, порача Сајкоски.

Scroll to Top