Во февруари вакцини од „Фајзер“ и од КОВАКС и грант-договори за набавката од ЕК

пред 3 години

Првите вакцини „Фајзер“ договорени директно со производителот ќе стигнат во февруари, кога се очекуваат и вакцините преку КОВАКС-системот на Светската здравствена организација. Први ќе се вакцинираат здравствените работници кои ги лекуваат ковид-пациентите, а според планот за имунизација, во приоритетните категории се и луѓето над 70 години, хроничните болни, лицата со посебни потреби во институции и медицински персонал кој е во помал ризик.

Претставничката на СЗО во земјава Џихан Тавила вчера изјави дека вакцините од КОВАКС ќе стигнат наскоро, потребни се многу подготовки, а методологијата е позната, безбедна и ефективна.

– Вакцината прво ќе ја примат приоритетните групи. Согласно со одлуката на Комисијата за заразни болести во земјава и на Владата, тоа ќе бидат здравствените работници, што е случај и со сите други земји во светот. Треба да разберете дека е почнато со заштитата, ќе биде потребно време за таа да биде доволна за сите. Но, можам да ве уверам дека Владата и земјата прават сè за да бидат заштитени сите во земјава, изјави Тавила.

Според неа, не се оправдани оценките дека КОВАКС-механизмот не функционира и рече дека вакцините ќе пристигнат многу скоро.

– Оваа вакцина се користи за итна вакцинација, а не како другите регуларни вакцини кои доаѓаат на пазарот. Тоа значи дека е потребно многу внимателно следење и проучување од страна на Владата, за да се обезбеди дека се применува вистинската вакцина, појасни претставничката на СЗО во земјава.

Министерот Венко Филипче посочи дека дози од вакцините „Фајзер“ се веќе резервирани и првите ќе стигнат во февруари, а идниот месец се очекуваат и вакцините преку КОВАКС. Подоцна, веројатно, ќе дојдат вакцините од третиот механизам – на Европската комисија (од земји на ЕУ кои ќе ни отстапат од набавените за своите граѓани), затоа што и самите добиле помала количина од планираните.

– Можно е некои од земјите со кои разговараме, а тоа се Австрија, Бугарија, Полска и Грција, да одделат некоја количина од своите, но јасно ни укажуваат дека главен проблем зошто тоа досега не беше направено е во количината што ја добиле. Таа е значајно помала, некаде десетина од планираната за нивните земји, изјави вчера Филипче, додавајќи дека тоа се однесува и на другите држави што не се членки на ЕУ, а кои треба да добијат вакцини од овој солидарен механизам.

Секретаријат за европски прашања вчера соопшти дека директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување, Геновева Луиз Калавера, на видеосостанок инициран од Европската комисија информирала дека и покрај сериозниот недостиг на расположливи дози и за самите земји членки, ЕК останува посветена на обезбедување вакцини за земјите од регионот.

Таа информирала дека ЕК ги завршила подготовките за пренасочување 70 милиони евра ИПА-средства за набавка, за која во наредните три до четири недели до надлежните власти на шесте земји од Западен Балкан ќе бидат доставени грант-договори за покривање на трошоците за вакцините, опрема и потрошен материјал.

Од сите три механизми се очекуваат 2,4 милиона дози за вакцинација на 1,2 милион граѓани. Со 60 отсто опфатеност на населението треба да се постигне колективен имунитет на Ковид-19.

Филипче очекува дека по февруари дистрибуцијата ќе биде подинамична и нагласи дека сите вакцини кои ќе дојдат во земјава ќе бидат соодветно сертифицирани и безбедни.

За лекот „Ивермектин“, кој од завчера е достапен во аптеките, министерот за здравство апелираше да не се зема на своја рака туку само со препорака и рецепт од лекар.

– Тоа е лек што ја намалува репликацијата на вирусот и не го суплимира имуниот одговор на клетката и, практично, тие резултати се многу бргу видливи после апликацијата, посочи Филипче.

Министерството за здравство вчера соопшти дека на инфективните одделенија и во ковид-центрите во болниците низ земјава, заедно со Скопје, се хоспитализирани 718 позитивни и сомнителни на Ковид, а празни болнички кревети има околу 400.

Во дневната статистика вчера беа регистрирани нови 396 случаи и 442 оздравени. Починаа 15 пациенти, најмладиот на 33 години од Гостивар. Вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата во земјава достигна 87 986. Активни се 16 177, од кои 9928 се во главниот град.

Scroll to Top