Заев најави 10 приоритети за идната година – на прво место е прочистување на судството

пред 3 години

„Без разлика што ЕУ испрати лош сигнал за проширувањето, сите ние, и како држава, и како Влада, и како народ, остануваме посветени на истиот стратешки колосек. Нема отстапување од стремежите за остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: постигнување и одржување на добрососедски односи, активно учество во алијансата како членка во НАТО и непоколеблива посветеност кон членството во ЕУ. Дома, нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрувањето на преговарачката рамка, да предизвика застој во внатрешните реформи. Напротив, со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома“, порача премиерот Зоан Заев на прес-конференција на која ги презентираше проектите и програмите од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!” за 2021 година.

Во „Акција 21“ се вклучени 10 приоритети, а број 1 на листата е – прочистувањето на правосудството. „Во финалето сме на длабоките и суштински реформи во правосудството преку ефикасно и објективно прочистување на судството и обвинителството. Стигнавме до тука после тешка битка со противниците на правдата. За некои од нив, за Мицкоски на пример, во неколку наврати јавно чувме дека се единствени на браникот на криминалот – го знаевме тоа, затоа беа против Законот за јавно обвинителство кој како владејачко мнозинство го донесовме во Собранието.
Како резултат на тој закон, предметите за висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници. Високи функционери, министри, веќе издржуваат затворски казни за тешки кривични дела. Изминатава година од страна на Судскиот совет биле покренати 80тина предмети, а осум судии биле разрешени. Процесите се почнати, нема назад.Моделот за прочистување или филтрација, е во завршна фаза. На него работеа првенствено претставници на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители, со поддршка на академската јавност и тие ќе бидат тие што ќе го усвојат моделот што сами го креираат и што ќе го спроведуваат.

Ќе се ревидираат цели досиеја. Секој судија ќе биде оценуван. Ќе има листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: Како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање. Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност.Ќе иницираме носење законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и постојано да ја информира јавноста за својата работа и за напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто постои посебен јавен интерес.Тука пред сѐ мислам на предметите од организиран криминал и корупција, како и други предмети од јавен интерес“, вели Заев.

Во оваа активност е вклучена и проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција.Паралелно на овој процес, на почетокот на наредната година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ.

Вториот приоритет е борбата против корупција, преку воспоставување јасни механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни чинители, преку силна политичка волја и преку мотивација на секој граѓанин, на сите нас, да се ангажираме во искоренувањето на оваа девијантна појава, којашто го враќа општеството назад.

„Го намаливме бројот на министри и формиравме ефикасна, отворена и одговорна Влада, подготвена да работи и да сработи посветено, исклучиво во интерес на граѓаните и државата.Ги видовме и првите резултати. Врз основа на прекршените одредби на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и функционерите именувани од Владата, беа разрешени неколку директори на владини агенции и јавни претпријатија и цел состав на една комисија.Чекор понатаму е нашата препорака општините да ја зголемат транспарентноста, бидејќи имаме наоди дека локалната власт недоволно ја следи централната кога е во прашање отвореноста и транспарентноста – затоа, финансиските трансакции за програмите преку кои Владата исплаќа средства на општините, капиталните инвестиции, инвестициите со поддршка на Светска Банка, проектите од средствата од ТАВ, ќе бидат условени со видливо зголемена отчетност на општините.Секој што ќе го прекрши законот, ќе мора да се соочи со одговорност. Мора да има ред еднаш засекогаш во институциите“, вели Заев.

Премиерот вели дека се обврзуваат на силна, бескомпромисна борба за заштита на животната средина и најавувам засилен ангажман во акцијата за чиста и здрава животна средна, како приоритет број 3 од иницијативата Европски стандарди дома.За 2021 година во Програмата за намалување на аерозагадувањето се предвидени 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошки системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност, обновување на урбаното зеленило.

„Во 2021 година ќе продолжи инвестирањето во замената на нееколошките системи за греење и до 2024 година ниту една државна институција нема да користи загадувачки енергенси.Од државниот буџет ќе се финансира со 70 милиони евра еколошки чистиот и брз автобуски систем во Скопје и ќе продолжат субвенциите и имплементацијата на проектот инвертер клими за дополнителни 5000 домаќинства.Идната година високо во приоритетите е да го зголемиме процентот на заштитени природни подрачја. Оваа година започна постапката за прифатливост за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, како и постапката за прифатливост за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за парк на природа и на дел од Водно за заштитен предел.Во 2021 година ќе продолжиме со постапката за Шар Планина да се развива како национален парк и ќе се донесат планови за управување со националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово, како и планови за управување со заштитените подрачја“, вели тој.

Премиерот се осврна и на престојната вакцинација против Ковид-19. „Имаме уплата за 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на Ковакс механизмот.Согласно планот за дистрибуција вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021.Покрај овој механизам, започнавме преговори и за директна набавка од компаниите кои ги произведуваат вакцините.Предвиден е и трет механизам преку Европската унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони.
Се подготвуваме и набавуваме фрижидери за секој тип вакцини и за сите температури. Ова е така бидејќи ќе има повеќе достапни вакцини кои сигурно ќе ги користиме, а се складираат на различна температура“, вели тој.

Заев најавува дека и во 2021 ќе продолжи државната економска помош за сите кои се соочуваат со штети како резултат на пандемијата – државата е во добра финансиска кондиција и ќе биде тука за секого.

„Светските и европски стандарди ги носиме дома и преку индустријата за одгледување канабис за медицински цели и за производство на продукти од оваа билка. Канабисот е една од најдинамичните индустрии во светот и политиката на владата е не само да ги препорачува овие искуства, туку и понатаму да ги поддржува компаниите кои влегуваат во овој бизнис кој во нашата земја веќе отвора илјадници добро платени работни места.
А искуствата на другите држави како Канада, Холандија и Чешка кажуваат дека овие земји годишно заработуваат околу 55 милијарди долари од оваа дејност. Во Северна Македонија досега се одобрени 59 лиценци за оваа дејност и сакам да истакнам дека Владата е во комуникација со претставниците на компаниите со цел оваа индустриска гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи. Во европските и светските пазари имаме стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани.

Маслата од канабис и другите продукти, влијаат позитивно на многу симптоми на болести како што се мултиплекс склероза, ХИВ, Паркинсонова болест, епилепсија и други малигни заболувања.Тоа отвора огромни потенцијали и пазари, верувам дека во таа насока парламентот е подготвен да ги усвои предложените законски измени за кои што имавме одредено блокирање во изминатиот период. Со донесување на измени и дополнувања на Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели кои ќе поттикнат нови инвестиции, развој и нови работни места“, вели Заев.

Тој вели дека следната година може да се очекуваат преку 250 милиони евра приходи од производство на канабис за медицински цели. Тоа ќе стимулира отворање на нови високо платени работни места. „Во 2021 планираме и да ја прошириме листата на дијагнози за кои е дозволено лечење со медицински канабис и да обезбедиме декриминализација и депенализација на канабисот за мали количини за лична употреба. Бидејќи, точно е тоа што го зборуваат активистите од граѓанскиот сектор – не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде низ светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност. До јуни 2021 ќе ја отвориме дебатата, а потоа процесот ќе оди во Собранието. Се разбира, полицијата ќе продолжи со своите силни акции против криминал и трговија со дрога, за кои сведочиме секојдневни успеси, за што сакам да му честитам на министерот за внатрешни работи“, додава тој.

2021 е година и на новата македонска енергетика. Идната година се очекува реализација на проект со кој термоелектраната Осломеј ќе се замени со фотонапонска електрана. На местото на стариот рудник во РЕК Осломеј сега се градат капацитети за 10 мегавати, а ќе се изградат уште две фотонапонски електрани од по 50 MW. Проценетата инвестиција е околу 60 милиони евра. АД ТЕЦ Неготино распиша оглас за изработка на Физибилити студија и во првата половина на 2021 ќе се оцени дали ќе се гради нова гасна електрана на истата локација по моделот на јавно приватно партнерство или ќе се продава АД ТЕЦ Неготино. Можната инвестиција е од 200 до 500 милиони евра со нови стотина мегавато зелена енергија. Дополнително обезбедени се грант средства за физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 MW во РЕК Битола.

Во текот на 2021 ќе започне изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2, со кој ќе се зголеми инсталираната моќност на постојниот ветерен парк Богданци за 13.8 MW. Проценетата инвестиција е 21 милион евра.
Започнува реализацијата и на нови ветерни паркови во Богданци, Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца.

Идната година и официјално започнува проектот изградба на гасовод помеѓу Северна Македонија и Грција со кој ќе се обезбедат дополнителни количини на природен гас од други извори со конкурентна цена, со сигурност и безбедност во снабдувањето. „Обезбедуваме гас од Азербејџан преку ТАП (Trans Adriatic Pipeline). Ова e клучен проект за енергетски – економски развој на Северна Македонија. Инвестицијата само за интерконекторот со Грција проценета на 50 милиони евра, од кои 10 милиони се грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан“, вели Заев.

Во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово и со овие два проекти, Северна Македонија ќе биде транзитна држава со природен гас и еден од главните играчи со природен во регионот.

Тој оценува дека Буџетот за 2021 година на Министерството за транспорт и врски е развоен и во него во најголем дел од проектираните средства или 83 проценти се наменети за капитални проекти. Со Буџетот е планирано да се обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура како и за изградба на социјални станови.

„Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата на Коридор 8 во втората и третата фаза вредни 600 милиони евра.Коридор 8 е главната артерија која и инфраструктурно ја поставува Северна Македонија како крстопат помеѓу соседите, а ги поврзува Црното со Јадранското море.Само во северо-источниот и источниот регион реализираме инвестиции од над 80 милиони евра и интензивирана е изградбата на патната инфраструктура како никогаш досега.

Заев се осврна и на пописот на населението коешто треба да се спроведе на пролет. „Северна Македонија нема организирано попис 18 години, со што е единствена држава во регионот и пошироко без спроведена ваква статистичка операција.Ова дефинитивно ќе го смениме во првата половина на 2021 година.Имаме за цел со предлог законот за попис, оваа статистичка операција, сега и во иднина да не се третира веќе како политичко прашање.

Пописот ќе чини вкупно 8,5 милиони евра. Тоа е за 5 милиони евра помалку од пропаднатиот попис на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во 2011 година.Наместо хартија ќе има електронски уреди. Одговорите на дел од прашањата ќе се земаат од базите на податоци кои ги организиравме во изминатите три години.Пописот во 2021 ќе се спроведе – не заради тоа што премиерот Заев така рекол. И не заради тоа што Мицкоски така сака или не сака. Попис во 2021 ќе има заради тоа што развојот на нашата земја нема да биде можен без резултатите од овој попис. И заради тоа што на граѓаните, на институциите, на организациите, на бизнисот, на науката и на академијата – им требаат нови, релевантни и точни статистички податоци за нашето население“, вели тој.

Тој додава дека Владата има голема обврска и одговорност да се спротивстави на дезинформациите и да ги спречиме штетите кои ги нанесуваат лажните вести. Затоа еден од нашите приоритети во „Акција 21 е – Стоп за дезинформациите“. Затоа, најавува засилени активности во периодот што следи, широки консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор и уште посериозна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и другите облици на хибридни закани против демократијата во нашето општество, во рамките на Планот за одлучна акција против ширењето на дезинформациите и против нападите врз демократијата.

Осврнувајќи се на образовната реформа во основното образование, тој вели дека во наставата ќе се вклучат наставни содржини кои се клучни за нашите деца, суштински за учениците да влезат подготвени во овој нов современ дигитален свет. „Во образованието вклучуваме медиумска и дигитална писменост, содржини за антикорупција, екологија, но и содржини и часови по хигиена која се покажа како круцијална во борбата со Ковид-19. Се разбира, новите содржини не одат на сметка на постоечките. Учениците и натаму ќе учат историја, географија, хемија, биологија и се друго што е неопходно за нивните знаења.Но, за оваа работа низ дебата ќе го избереме најдобриот модел“, додава тој.

Scroll to Top