За еден и пол месец малолетници извршиле 27 кривични дела во Југоистокот

пред 3 години

За еден и пол месец малолетници во југоистокот на државата извршиле 27 кривични дела што е драстично зголемување во споредба со лани истиот период, кога биле пријавени само четири такви кривични дела, информираат од СВР Струмица.

Крадците најчесто оперирале во Струмица, Богданци и Гевгелија, каде од возрасни лица краделе пари и вредни предмети. Освен разбојништвата и тешки кражби на дрзок начин извршиле и неколку други кривични дела, меѓу кои и кражба на возила.

На 12-ти овој месец полицијата соопшти дека се откриени сторителите и тие се сомничат дека сториле 10 кривични дела тешка кражба на дрзок начин, пет кривични дела разбојништо, две кривични дела тешка кражба со искористување на немоќ или несреќа на друг и по едно кривично дело одземање на моторно возило, тешка кражба во обид и кражба.

-Покрај наведените кривични дела, за пет од малолетниците постои основано сомнение дека заедно со Р.Е. (22) од Скопје, кој престојувал во Струмица, извршиле и други шест кривични дела, едно кривично дело разбојништво, три кривични дела одземање на моторно возило и две кривични дела тешка кражба, соопшти Александра Трајанова, портпарол на СВР Струмица.

За извршените кривични дела СВР Струмица доставил известување и до Центарот за социјални работи Струмица, а за еден од малолетниците, од страна на Основен суд Струмица, е доставен упатен акт и тој бил пренесен во Воспитен дом Тетово.

Scroll to Top