Иницијативен одобор за вонреден конгрес: ВМРО-ДПМНЕ не е, ниту смее да биде претворена во приватна сопственост на Мицкоски

пред 3 години

„Обидот на се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски да го избегне соочувањето со делегатите кои го избраа на 16-от Конгрес, преку закажување на редовен конгрес во Ноември е поигрување со партијата и со сите членови кои ги овластија делегатите во Валандово да му го доверат водството.

Христијан Мицкоски нема капацитет и не ужива доверба меѓу членовите на партијата, а уште помалку меѓу неутралните граѓани. Христијан Мицкоски ќе му донесе уште еден пораз на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори, исто како што донесе порази и на претседателските и на парламентарните избори. Мицкоски успеа да го изгуби и второто место по популарност паѓајќи на трето зад лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Политичар со толкав негативен рејтинг не може да очекува победа“, велат од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес
на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ не може веќе да си дозволи таков луксуз да биде водена од човек кој ја влече надолу и стимулира нови поделби и расправии.

На ВМРО-ДПМНЕ и треба сплотеност и решителност во реализација на стратешките цели.

На ВМРО-ДПМНЕ и треба вонредниот 17-ти конгрес на кој што ќе се преиспитаат политиките водени од Мицкоски овие три години и ќе се зацртаат насоките во кои партијата ќе се врати на победничките патеки.

На ВМРО-ДПМНЕ и треба итна промена за да се влезе со нова енергија на локалните избори.

Се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски не беше избран од Зоран Заев во Валандово. Тој беше избран од чесни и искрени членови на партијата кои веруваа во неговата агенда.

Истите тие членови кои во партијата се подолго од него, сега бараат да им даде отчет за тоа што исполноил од ветеното.

Тоа не го бара Зоран Заев. Настапите под диктат на Мицкоски со кои се прави обид да се омаловажат делегатите што го избраа, повеќе говорат за неговиот карактер и за тоа во каква беда и расправии ја турка партијата.

Навредите дека делегатите кои го избрале се отпадници, покажуваат дека Мицкоски нема никаков респект кон сопартијците кои му верувале и дека е подготвен на најдолна реторика и највалкани игри само за да ја сочува функцијата.

Мицкоски не беше избран на приватна забава и делегатите од конгресот кој го избраа не организираат приватна забава на 28 Март, туку состанок на кој што ќе се расправа и одлучува за најважните прашања кои ја засегаат партијата и државата.

ВМРО-ДПМНЕ не е, ниту смее да биде претворена во приватна сопственост на Мицкоски.

Иницијативниот одбор ги осудува навредите нарачани од страна на исплашениот Мицкоски.

Иницијативниот одбор ги повикува и оние делегати кои сеуште се премислуваат да ја видат реалноста и да се соочат со фактот дека Мицкоски нема капацитет да ја води партијата и да победи на избори.

Иницијативниот одбор ги повикува делегатите кои се премислуваа да се приклучат во организацијата на вонредна седница на конгресот“, се наведува во соопштението на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top