Османи во Мадрид се сретна со министерката за надворешни работи, Гонзалес Лаја

пред 3 години

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Шпанија, се сретна со министерката за надворешни работи, Европска унија и за соработка на Кралството Шпанија, Аранча Гонзалес Лаја.

„ Убаво е да се биде во Мадрид токму на годишнината од ратификацијата во шпанскиот Сенат на протоколот за нашето членство во НАТО, и тоа во далеку построги, потешки и навистина – едвај изводливи мерки на ограничена работа. Со тоа се заокружи ратификацијата на протоколот од сите 29 земји членки, по што Република Северна Македонија стана 30-та членка на Алијансата. Дозволете да бидам нескромен: со ваквиот чин, со вонсерискиот напор што го направивте во рамките на шпанскиот сенат, воведувајќи преседан за прв пат да се гласа преку видео конференција, Вашата земја секогаш ќе има посебно место за нашите граѓани, и вие можете да сметате на Република Северна Македонија како не земја која ви е близок пријател“, истакна Османи, пренесувајќи ги пораките на благодарност во името на Владата и на земјата.

„ Веќе следната недела, ние повторно ќе се сретнеме на министерскиот состанок на НАТО во Брисел. Овој пат, за прв пат и Северна Македонија преку физичко присуство на заедничката маса, како полноправни членки и блиски НАТО сојузници. Нѐ очекуваат сериозни разговори и важни одлуки за иднината на Алијансата, за современите предизвици, и пред сѐ за процесот Рефлексија – НАТО 2030“, посочи Османи.

На средбата беа отворени и темите поврзани со европските интеграции на Република Северна Македонија, како и последните актуелности од регионален аспект.

„ Нашето сојузништво во Европската Унија е исто така соочено со сериозни предизвици, каде се потребни одговорни и правилни одлуки. Една од тие е и одлуката од март минатата година, со која 27 земји – членки дадоа зелено светло за почеток на преговорите со Северна Македонија“, истакна Османи, потенцирајќи ја важноста од имплементацијата на оваа одлука, како за земјава, така и за целиот регион.

На средбата беше поздравен и напредокот во рамките на конференцијата за Иднината на Европа, при што Османи ја истакна потребата од поголемо и повидливо вклучување во оваа суштинска дебата и на земјите од Западниот Балкан.

Средбата беше искористена и за потпишување Меморандум за разбирање меѓу Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Кралството Шпанија за меѓусебна соработка на дипломатските школи и едукациајта, што претставува уште еден дополнителен чекор за унапредување на меѓусебната соработка.

Работната посета на Османи на Кралството Шпанија се заокружи со средбата во шпанскиот Сенат, со претседателот на Комисијата за надворешни работи во Сенатот, Антонио Гутиерез Лимонес. Фокусот на разговорот беше ставен на европската интеграција на Северна Македонија, добрососедските политики во регионот, внатрешно – политичката состојба во земјата, регионалната соработка и севкупната состојба, како и за други актуелни меѓународни прашања со геополитичка конотација.

Scroll to Top