Османи на средбата со Борисов: „Остануваме цврсто посветени на имплементација на Договорот за пријателство“

пред 3 години

Во исклучително пријателски тон поминала средбата помеѓу министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и бугарскиот премиер, Бојко Борисов кои без претходна најава се среднаа утрово на софискиот аеродром.  Од македонското МНР велат дека на состанокот станало збор за билатералните односи, внатрешно-политичките случувања во двете земји, како и европските перспективи на Република Северна Македонија и целиот регион.

Средбата, како што посочуваат од МНР, се случува во рамки на дипломатската мисија на Османи кој денеска замина во официјална посета на Швајцарија и Шпанија.

„Добрососедските односи се наш прв приоритет, и нашата искрена заложба е зајакнување на односите со Република Бугарија. Тоа е и наш државен интерес, за што остануваме цврсто посветени на имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка како важна алка во зајакнувањето на довербата меѓу нашите граѓани“, истакнал Османи за време на средбата.

Османи и Борисов се согласиле дека патот напред е преку усвојување и практикување на европските вредности, а сојузништвото во НАТО и очекуваната блиска соработка во рамките на ЕУ, дополнително ќе ги зацврсти билатералните релации.

Бугарските медиуми, претходно соопштија дека Борисов пред Османи порачал оти дијалогот помеѓу двете земји треба да продолжи со разум од двете страни, а не со емоции. 

Scroll to Top