Пендаровски во Малме се сретна со шведскиот премиер

пред 3 години

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на Шведска, денеска во Малме оствари средба со премиерот, Стефан Лофвен, којшто беше и домаќин на Меѓународниот форум REMEMBER – REACT, („Запомни – Реагирај“).

Двајцата соговорници на средбата разговарале за актуелниот контекст во однос на очекуваниот почеток на преговорите за членство на нашата земја во Европската Унија.

Пендаровски ја истакнал посветеноста на државата кон реформскиот процес, особено во сферата на владеењето на правото и го повторил ставот дека натамошното одложување на процесот на проширување ќе има долгорочни негативни последици за развојот и стабилноста на регионот.

Во таа насока, изразил очекување за продолжување на шведската поддршка за нашиот евро-интегративен пат.

Претседателот истакнал и дека Северна Македонија високо ја цени континуираната поддршка од Шведска за јакнење на капацитетите на македонските институции, особено во областа на демократијата, владеењето на правото и заштитата на животната средина.

Истовремено, изразил благодарност за поддршката што нашата држава ја добива преку програмите на Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА) во повеќе области.

На средбата претседателот Пендаровски и премиерот Лофвен дискутирале и за билатералните односи меѓу двете држави и било оценето дека Република Северна Македонија и Кралството Шведска се посветени на натамошно динамизирање на политичкиот дијалог.

Scroll to Top