Пендаровски се сретна со амбасадорите на земјите од Вишеградската група

пред 3 години

Претседателот Стево Пендаровски денеска одржа средба со амбасадорите на земјите од Вишеградската група, полскиот амбасадорот Војциех Тицињски, на чешкиот Мирослав Томан, словачкиот Хенрик Маркуш и унгарскиот Ласло Иштван Дукс.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот на држвата, изразувајќи задоволство од одржувањето на традиционалната годишна средба, Пендаровски ја нагласи важноста на континуираната и интензивна соработка меѓу Република Северна Македонија и земјите од Вишеградската група и очекувањето за нејзино продлабочување во претстојниот период.

Во контекст на аспирациите на Република Северна Македонија за членство во ЕУ, Пендаровски се заблагодари за континуираната силна и гласна поддршка од страна на земјите од Вишеградската група во рамки на европските институции.

-На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните случувања врзани со почетокот на пристапните преговори за членство во ЕУ. Претседателот Пендаровски оцени дека одложувањето на одржувањето на првата меѓувладина конференција може да го наруши кредибилитетот на процесот на проширување и ќе има негативно влијание на регионалниот развој и стабилноста на Западниот Балкан. Претседателот нагласи дека нема план Б за европската иднина на земјата, посочувајќи дека интензивно се работи на планот А, а тоа е членство во Европската Унија. Претседателот Пендаровски рече дека ќе продолжат напорите за надминување на проблемот и го реафирмираше ставот дека за идентитетот и јазикот, како основно човеково право на самоопределување, нема да се преговара, се наведува во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.

На средбата исто така биле разменети мислења за актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19.

Scroll to Top