„Политико“: Вархеји и ЕПП не се доволно остри кон Борисов и Софија за блокадата за Македонија

пред 3 години

Еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји беше премногу мек кон Софија, а Европската народна партија (ЕПП) не беше доволно остра кон бугарскиот премиер Бојко Борисов, пишува „Политико“ во анализа за еврокомесарите и нивната работа за годината што изминува.

„Политико“ се задржува на блокадата на Бугарија, во делот посветен на еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји, оценувајќи ја блокадата како еден од неговите лоши моменти оваа година.

„Најлоши моменти: Блокадата на Бугарија за преговорите за членство со Северна Македонија поради билатерален спор околу јазикот и идентитетот и зададе удар на целта Комисија да започне преговори пред крајот на годината. Некои дипломати го обвинуваат Вархеји дека е премногу мек кон Софија, но повеќето велат дека главниот проблем е што Европската народна партија (ЕПП) не е доволно цврста кон бугарскиот лидер Бојко Борисов. Критиката кон Вархеји е дека тој е повеќе засегнат за унгарските интереси, отколку за ЕУ како целина. „Кога зборува за Србија, се чини дека е подготвен да ги затвори очите“, поради блиските врски меѓу Србија и Унгарија во енергетскиот сектор, рече еден дипломат. Официјален претставник на ЕУ ги отфрли овие обвинувања, велејќи дека тој работи на ист начин како и другите комесари“, пишува Политико.

Понатаму се наведува дека клучниот играч во обидите да се одблокира застојот меѓу Бугарија и Северна Македонија е германското претседателство, а не Вархеји.

Според „Политико“, додека тоа не се случи, голем дел од неговата работа е практично замрзната.

„На крајот, Вархеји ќе биде оценет дали кандидатите за членство во ЕУ, вклучително и оние што веќе водат разговори, како што се Србија и Црна Гора, ќе се приближат до ЕУ под негов надзор“, додава „Политико“ во анализата.

 

Scroll to Top