Русковска прва алармирала дека Мијалков ќе избега, таа за „А1он“ раскажа што се случувало изминативе два дена

пред 3 години

Обвинителката Вилма Русковска е првата личност која добила оперативни сознанија дека Сашо Мијалков може да избега пред изрекувањето на пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“. Нејзините информации биле непотврдени, вели таа, па затоа не можело веднаш да се побара притвор. Русковска за „А1он“ вели дека нејзин извор и кажал дека Мијалков ќе избега од државава преку зелениот појас на границата кај Куманово. Но, ова требало да го потврди и МВР. Агенцијата за национална безбедност, за ова време, немала никакви сознанија ниту сомнежи. МВР пак, оперативните сознанија не ги потврдиле, ниту поткрепиле, туку и ги вратиле како документ со генералии од Мијалков, за да Обвинителството може да бара притвор. Русковска за „А1он“ раскажа што се случувало во саботата и неделата, како се одлучувало и постапувало во врска со барањето за притвор за Мијалков.

„Јас немам кристална кугла за да можам да погодувам каде е и што е. Јас во саботата во 12:30 после пладне му се јавив на министерот за внатрешни работи, поврзано со оперативни сознанија кои јас ги имам. Оперативни сознанија од мој извор. Му кажав, сознанија кои беа апсолутно непотврдени. Тој рече: ‘Добро Вилма, во ред, јас ќе разговарам со АНБ и ќе бидеме во контакт’. Некаде после 15:30 ми се јави и ми рече: ‘Можеш ли тоа на писмено да ми го доставиш?’, одговорив дека можам. Јас отидов на работа, напишав и доставив. Мои оперативни сознанија за кои немам потврда. Не знаевме колку се точни, тоа се оперативни сознанија. Јас го добив околу 22:30 повторно известување од полиција, моето, само ми го препратија со генералии на Мијалков. И вика: ‘Да си постапувате’. Јас му се јавив на директорот на БЈБ и прашав дали АНБ имаат некакви сознанија, тој ми кажа дека нема никакви сознанија за бегство на Мијалков. Следниот ден (недела), републичкиот обвинител ми рече: ‘Вилма јави се ајде на изворот, колку е информацијата точна..’. Јас изворот успеав околу пладне да го добијам на телефон. Во разговор со него, од 1 до 10, сфатив дека околу 7 ми е веројатноста дека ќе избега. Кога ми се крена степенот на сознание, Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов отидоа да изготват предлог за притвор, дојдоа кај мене да удриме печат, известувањето од МВР и моето известување до МВР да го приложиме до судот“, вели Русковска за „А1он“.

Мијалков последно бил виден во хотелот „Мериот“, а оттаму му се губи секаква трага

За тоа време, Мијалков бил следен од полициски службеници. Проверени се и камерите во хотелот ‘Мериот’ каде последен пат бил забележан, по што, му се губи трага. Таму бил заедно со сопругата Александра. Но, кога го напуштил хотелот и со кое возило, засега не покажуваат ниту снимките.

„Камерите во ‘Мериот’ се проверени. Последната информација од МВР ми е дека некаде после 15 часот, Мијалков влегува со сопругата во ‘Мериот’ и по извесно време, сопругата со возило си излегува од ‘Мериот’, оди спрема дома „Салвадор Аљенде“. Потоа, излегува возилото од обезбедувањето на Мијалков, а потоа и возилото на Мијалков. Со тоа што, затемнети се стаклата, не можат да видат кој е внатре. Возилото отишло кон ‘Салвадор Аљенде’. Дали бил внатре или не, не можеме да кажеме, стаклата се затемнети. Во тој период, телефонот бил во автомобилот. Не можат да знаат дали се качил во автомобилот, не е снимено тоа од надзорните камери, доле во гаражите“, додава Русковска за „А1он“.

Додека полицијата го пратела возилото со кое се превезувал Мијалков, но не и Мијалков, обвинителите Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов веќе биле во Кривичниот суд, каде го поднеле предлогот за одредување на притвор. Четири часа се чекала одлуката на судот, а за ова време, му се губи трага на Мијалков.

„Во 14:30 отидоа во судот. Прво им рекле да не даваат на службите, туку на судија. Првиот судија дошол во 15 часот и тие му го предале барањето. Јас во 16:08 му ѕвонам на претседателот на судот и прашувам до каде се. Тој ми вика: ‘Се размислува дали КС-совет, дали судечкиот совет да размислува за тоа’. Јас викам, добро кажи ми. Во 18:25 му праќам порака и прашувам: ‘Што правиме?’. Немам одговор. Околу 18:30 или 18:35 ми се јавува Ленче Ристовска и ми вика: ‘Обвинителке нема да биде притвор, него ќе биде куќен притвор’, реков добро. И толку. После 21:35 ми се јавуваат дека човекот го нема. Ние како Обвинителство се направивме. Ние ја доставивме информацијата, односно јас. Не беа потврдени информациите, така што, додека проверивме, степенот на сомневање.. Помина време. Тие работи треба да ги работат разузнавачките служби, не Обвинителство. Ние треба да добиваме информации од нив, а не обратно. Ако разузнавачките служби немале информации, а Обвинителството немало, а се покажа точна информацијата, логички е одговорот дали затаиле. Во петокот немавме оперативни сознанија. Немавме законска основа да бараме притвор“, објаснува Русковска за „А1он“.

Русковска: Ова е катастрофа

Таа вели дека Обвинителството направило максимално, се што можело и вели: „Ова е катастрофа. Многу е тешко кога немаш поддршка од други“. Засега, никој не може да потврди ниту дека Мијалков ја напуштил државата преку зелениот појас од Куманово кон Србија.

„Моите информации беа дека ќе ја помине границата, дека ќе избега на зелениот појас од Куманово. Дали е точно, дали не е, тоа уште не е проверено. Дали е точно јас не знам. Тој сигурно не би си дозволил, него да го снимат на камера. Тој беше со години директор на УБК. Ќе легне на задно седиште и нема да го снимат. Пешки ќе помине на зелен појас, како да помине? Не можам да кажам која е крајната дестинација. Имам некои оперативни сознанија, но не можам да кажам. Додека не го потврдам тоа, не можам да контактирам со земјата“, вели Русковска „А1он“.

Инаку, одземени се повеќе мобилни телефони кои ќе бидат дадени на вештачење. Меѓу нив се и мобилните на лицата кои го обезбедуваа Мијалков.

Scroll to Top