СОНК се надева дека денеска ќе бидат повикани на преговори поради штрајкот

пред 2 години

„Нека денешниов ден, среда, биде среќен ден за сите нас. Да се надеваме дека денес ќе бидеме повикани на преговори и ќе ни биде дадена разумна понуда. Дотогаш, Среќно!“, напиша претседателот на СОНК, Јаким Неделков на социјалните мрежи на третиот ден од штрајкот на вработените во образованието.

Тој вчера информираше дека е зголемен бројот на лица се приклучиле кон штрајкот. Изрази надеж дека надлежните ќе излезат со прифатлив предлог за зголемување на платите, по што ќе се донесе одлука за прекин на штрајкот.

СОНК не отстапува платите на вработените во дејностите образование и детска заштита веднаш да бидат зголемени за 18,4 отсто согласно со порастот на минималната плата која од овој месец е 18.000 денари и, дополнително, таа да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, истакна дека ставот на Владата и на Министерството за образование е дека зголемување на платите на наставниците треба да има и дека низ преговори треба да се утврди најдобриот начин тоа да се направи. Истовремено, рече Шаќири, од прекинот на работа во чувствителната дејност како што е образованието, губат сите – и децата, и наставниците и државата.

 

Scroll to Top