Студија: Младите помалку пијат и пушат, ама расте ризикот од други зависности

пред 3 години

Пиењето и пушењето кај тинејџерите на возраст од 15-16 години опаѓа, но ризикот од употреба на канабис и новите видови на зависност се причина за загриженост. Дваесет и седум отсто од македонските ученици се имаат обложувано за пари во последната година, додека 19 проценти минуваат повеќе од шест часа на социјални медиуми за време на школските денови, а 11 отсто повeќе од шест часа во играње видеоигри за време на викенд, покажува извештајот на Европскиот училишен истражувачки проект за алкохол и други супстанци (ESPAD).

Студијата, спроведена во партнерство со Европската агенција за лекови (ЕМЦДДА), се базира на репрезентативни студии во 35 европски земји вклучително и Северна Македонија.

Во однос на достапноста на алкохолот и другите супстанци, младите кај нас рекле дека најлесно може да дојдат до алкохол – 69 проценти, потоа до цигари – 49 отсто, додека до канабис секој петти (19 %), а еден од десет до екстази (10%).

Употребата на алкохол останува висока кај адолесцентите во Европа, каде во просек над три четвртини (79%) од учениците пробале алкохол барем еднаш во текот на својот живот. Кај нас тој процент е 67. Скоро половина (47%) од сите испитаници и над 40 проценти од учениците кај нас рекле дека конзумирале алкохол во последните 30 дена. Податоците покажуваат тренд на релативно постојан пад, со тоа што сегашните нивоа се пониски од 2003 година, кога двата показатели го имале врвот од 91 и 63 проценти соодветно.

Кај нас, половина од учениците или 49 проценти рекле дека можат доколку сакаат лесно да дојдат до цигари, 38 отсто пробале цигара барем еднаш во животот, а 20 проценти рекле дека пушат цигари секојдневно. Околу 12 проценти од учениците пробале цигара на 13 години или порано, додека секојдневно пушат 2,6 отсто.

Околу 7,8 проценти од македонските ученици рекле дека пробале некоја дрога и тоа канабис (6,1%), екстаза (1,1), амфетамин (0,6%) и метамфетамин (0,4%). Меѓу машките едно од десет пробало било каква дрога, додека меѓу девојчињата едно од дваесет.

Цигарите лесно достапни за тинејџерите

Цигарите се една од најдостапните супстанци, а околу 60 проценти од сите испитаниците кажале дека доколку сакаат можат „прилично лесно“ или „многу лесно“ да дојдат до цигари.

Најлесно до цигари, рекле дека може да дојдат учениците од Данска – 79 проценти, по што следат Шведска, Полска, Словачка и Чешка со над 70 проценти. Најмалку достапни цигарите изгледале за учениците од Косово – 24 проценти, по што следи Романија – 39%, Украина – 42% и Груција – 45 процени.

Кај нас, половина од учениците или 49 проценти рекле дека можат доколку сакаат лесно да дојдат до цигари, 38 отсто пробале цигара барем еднаш во животот, а 20 проценти рекле дека пушат цигари секојдневно.

Околу 12 проценти од учениците кај нас пробале цигара на 13 години или порано, што е под просекот од 18 проценти на сите земји опфатени во истражувањето. Во просек 2,9 проценти од учениците почнале да пушат цигари секој ден на 13 години или порано, додека кај нас 2,6 отсто.

Според истражувањето 41 процент од сите учениците пробале цигара барем еднаш во животот, а една петтина или 20 проценти се сметаат за пушачи, односно запалиле цигара во последните 30 дена.

Податоците покажуваат тренд на намалување, во однос на 1995 година, но доколку се земат во предвид и електронските цигари, тогаш во 2019 година има раст.

Еден од десет ученици опфатени во истражувањето рекле дека пробале електронска цигара на 13 години или порано. Овие бројки се движат од 4,3 и 4,4 проценти во Црна Гора и Србија, до 19 и 20 проценти во Литванија и Естонија. Во просек 1,7 проценти од учениците рекле дека почнале да користат е-цигари секојдневно на 13 години или порано. Најмногу во Косово и Кипар – 3,2 и 3,1 процент.

Еден од седум ученици рекол дека користел е-цигара во последните 30 дена, најмногу 41 процент во Монако, а најмалку – 5,4 проценти во Србија.

Во нашата земја 6,8 проценти од учениците рекле дека пробале е-цигара на 13 години или порано, а само 0,8 проценти рекле дека пушат секојдневно.

Алкохол пробале 67 отсто од младите во земјава

Пиењето алкохол иако останува популарно меѓу младите, трендот меѓу 1995 и 2019 година покажува генерално намалување во користењето на алкохолни пијалоци.

Речиси 80 проценти од учениците рекле дека доколку сакаат можат лесно да најдат алкохол. Во Данска, Германија и Грција овој процент изнесува над 90 отсто, додека најниска е во Косово – 38 проценти, што е единствената земја под 50 проценти. Кај нас, 69 проценти од учениците одговориле дека можат лесно да дојдат до алкохол, доколку сакаат.

Една третина од сите испитаници или 33 отсто првпат пробале алкохол, додека 6,7 отсто имале пијанство на 13 години или помали. Најмногу во Грузија – 60 проценти, а најмалку Исланд – 7,1 процент.

Во сите земји од истражувањето освен Косово – 29 % и Исланд – 37%, над половина од учениците рекле дека пробале алкохол барем еднаш во животот. Во просек 79 проценти од учениците пробале алкохол барем еднаш во животот, од кои над 90 проценти од учениците од Унгарија, Данска и Чешка.

Еден од десет ученици рекол дека бил пијан во последните 30 дена. Од учениците кои рекле дека користеле алкохол во последните 30 дена во просек пиеле 5,6 пати. Во оваа група учениците од Германија и Кипар конзумирале алкохол 8 и 7,5 пати. Еден од тројца (34 %) рекол дека испил пет или повеќе чаши алкохол во една вечер во последниот месец.

Над 40 проценти од учениците во С Макеоднија рекле дека конзумирале алкохол во последните 30 дена, додека 67 пак пробале алкохол барем еднаш во животот. Пијанство во последните 30 дена имале 8,7 проценти. Најмногу рекле дека пиеле пиво (49%), потоа жесток алкохол (33%) и вино (18%). Една третина испиле над пет пијачки во една вечер во последните 30 дена.

Кај нас 29 проценти од учениците првпат пробале алкохол, а 6,1 процени имале прво пијанство на 13 години или порано. Повеќе машки првпат пробале (37%) и биле пијани (7,7%) наспроти 22 проценти од женските кои пробале и 4,6 проценти кои биле пијани на 13 години или порано.

Омилен пијалок во просек се жесток алкохол (38%) и пиво (31%). Во Шпанија (83%), Португалија (59%) и Литванија (57%) од учениците кои пиеле алкохол преферирале жестоки пијалки, додека пиво најмногу преферирале во Косово (62%), Србија (52%) и Полска и Северна Македонија (49%).

Лесно се доаѓа и до дрога, најдостапен канабисот

Канабисот се смета за еден од најлесно достапните забранети супстанци, каде еден од тројца ученици (32%) рекле дека, доколку сакаат можат лесно да најдат. Споредено со канабисот, достапноста на останатите дроги е ниска, за екстази (14%), кокаин (13%), амфетамин (10%) и метамфетамин (8,5%).

Во земјава 19 проценти од учениците сметаат дека можат лесно да дојдат до канабис. Достапноста на останатите супстанци е под десет проценти – екстази (10%), кокаин (7,5%), амфетамин (6,8%), метамфетамин (6,1%) и крек (4,4%).

Во просек 17 проценти од учениците во сите земји рекле дека пробале некоја дрога во својот живот. Кај нас, околу 7,8 проценти од учениците рекле дека пробале некоја дрога и тоа канабис (6,1%), екстаза (1,1), амфетамин (0,6%) и метамфетамин (0,4%). Едно од десет машки пробало било каква дрога, додека кај девојчињата едно од дваесет.

Канабисот е најшироко распространета дрога во сите земји. Во просек 16 проценти од учениците рекле дека барем еднаш во животот пробале канабис, додека 7,1 отсто во последните 30 дена. Околу 2,4 проценти од испитаниците рекле дека канабис за првпат пробале на 13 години или помали.

Трендот на користење канабис бележи раст меѓу 1995 и 2019 година од 11 на 16 проценти за било кога во животот и од 4,1 на 7,4 проценти за во последните 30 дена. Но, пикот го имаат во 2011 година, по што се бележи благо намалување.

Меѓу 1 и 2 проценти од сите ученици рекле дека било кога во животот пробале било каква друга дрога, освен канабис. По канабис, втора најчеста е екстаза, ЛСД или некои други халуциогени, кокаин и амфетамин.

Во просек околу 3,4 проценти од сите ученици рекле дека пробале некаква нова психоактивна супстанца во својот живот. Кај нас 0,9 проценит од учениците рекле дека пробале кокаин, 0,8 проценит ЛСД или друг халуциоген, 0,5 проценти хероин.

Истражувањето покажало голема разлика (од 2,8% до 23%) од земја до земја во однос на употребата на некои медицински лекови за немедицински цели, како што се седатици и средства за смирување без рецепт или некои лекови против болка. Во просек 9,2 проценти од ите учениците користеле нешто такво, но најмногу во Словачка (23%), Латвија (22%) и Литванија (21%), додека под 2 проценти имале земјите како Украина, Романија, Бугарија и Хрватска. Кај нас 5,6 проценти, од кои повеќе девојчиња – 7,1отсто наспроти машки – 4,1 процент. Седативи користеле 4,2 проценти, а лекови против болка 2 проценти.

Коцкање, социјални медиуми и онлајн коцкање

Околу 22 проценти од учениците рекле дека се коцкале за пари на некоја игра на среќа во последната година. Меѓу нив, најпопуларни се лотарии, по што следи обложување на спортски натпревари и трки со животни (45%) и карти и коцки (44%). Најмалку популарна игра на среќа била слот машини, 21 проценти од играчите.

Најмногу ученици кои се коцкале во последната година има во Грција и Кипар – 33 проценти, по што следат Италија и Црна Гора – 32% и Финска со 30 проценти. Најмалку има во Малта – 14%, Грузија – 13%, Данска – 12% и Косово – 11%.

Околу 7,9 проценти од сите ученици рекле дека се коцкале на интерент во последните 12 месеци, додека кај нас нешто над овој проеск – 8,9 проценти од учениците.

Околу 27 проценти од македонските ученици рекле дека се коцкале за пари во последните 12 месеци. Ова е поизразено кај машките – 34 %, споредено со 20 % од женските. Најпопулани игри на среќа, меѓу тие кои рекле дека се коцкале во последната година, се лотарии (58%), обложување на спорт и животни (50%), карти или коцки (28%) и слот машини (24%).

Над 94 проценти од сите ученици рекле дека користеле социјални медиуми во последните седум дена. Во просек минувале по 2-3 часа на социјалните медиуми во текот на шкослката недела и шест или повеќе часа за време на викенд.

Околу 60 проценти од сите ученици рекле дека играле видео игри за време на школски денови во последните 30 дена, додека 69 проценти рекле дека играле видео игри за време на викенд. Во поголемиот дел од земјите во играње видео игри во просек учениците минуваат час и половина за време на школските денови и 2-3 часа за време на викендот.

Во текот на школската недела 23 проценти од македонските ученици поминуваат 2-3 часа на социјалните медиуми, додека 19 проценти поминуваат шест и повеќе часа. Меѓу тие што минуваат 2-3 часа повеќе се машки – 24 проценти, наспроти 22 проценти женски, но затоа 22 проценти од женските минуваат шест и повеќе часа, наспроти 15 проценти машки.

За време на викенд 39 проценти од македонските ученици рекле дека минуваат шест или повеќе часа на социјални медиуми и тоа 44 проценти од женските и 33 проценти од машките.

Во играње видео игри во текот на школски денови 22 проценти од македонските ученици рекле дека играат полоцина час, а 44 процетни рекле дека воопшто не играат. Но, затоа 11 проценти рекле дека играат шест или повеќе часа видео игри за време на викенд, од кои 18 проценти машки, а 4,7 проценти девојчиња.

Европскиот училишен истражувачки проект за алкохол и други супстанци (ESPAD) е меѓусекторско истражување на употребата на супстанци и други форми на ризично однесување меѓу децата во Европа на возраст од 15 и 16 години. Проектот се спроведува од 1995 година, а од 2007 година опфаќа 35 земји. Истражувањето се спроведува во училишта, каде учениците го пополнуваат прашалникот анонимно. За овој извештај опфатени се вкупно 99 647 учениви од 35 држави. Во нашата земја учествувале 2 930 ученици.

Scroll to Top