Томан: За испорака на вакцини во Северна Македонија треба да почекаме насоки од Европската комисија

пред 3 години

Амбасадорот на Чешката Република, Мирослав Томан денеска рече дека ќе треба да се причекаат насоките од Европската комисија за тоа како и колку вакцини ќе бидат испорачани во нашата држава.

-Чешката Република е целосно вклучена во поддршката и го поддржува обезбедувањето вакцини за Северна Македонија и западноевропските држави. Парите се тука, 17 милиони евра се на располагање кои треба да се искористат за набавка на вакцините. Нашата позиција во моментот е да ја изведеме вакцинацијата во Северна Македонија преку ковакс системот, што значи дека ќе треба да чекаме Европската комисија да ја даде насоката како и колку вакцини ќе бидат испорачани во вашата држава. Ве уверувам дека ние сме секогаш подготвени да дадеме дополнителни средства за дополнителни вакцини за вас, заинтересирани сме и со нетрпение очекуваме кога ќе почне процесот на вакцинација, но и во Чешка не добиваме толкав број вакцини колку што ни беше ветен. Треба да почекаме уште малку за да видиме јасна слика како сето ова ќе се одвива и во нашата држава и тука, во Северна Македонија, рече Томан, одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.

Премиерот Заев, пак, истакна дека од политичарите прв веројатно ќе се вакцинира министерот за здравство, Венко Филипче. Така е редот, рече Заев, по лекарите и медицинскиот персонал да се вакцинира и Филипче. Сепак, повтори дека и тој ќе ја прими вакцината, но пред него, предност ќе имаат, посочи, хронично болните, возрасните и луѓето кои досега од КОВИД загубиле член од семејството.

-Потврдувам дека ќе бидам меѓу првите што ќе ја примат вакцината, но не сакам да му го земам правото на никој, и јас сум граѓанин како и секој друг. Сепак, сакам да дадам личен пример дека вакцината треба да се прими за да се заштитиме од корона вирусот и да го вратиме животот во нормала. И јас и моето семејство и моите роднини ќе ја примиме вакцината, порача Заев.

Scroll to Top