Филипче разочаран од вчерашниот протест-беше полн со навреди и закани

пред 3 години

Министерот за здравство, Венко Филипче вели дека е разочаран од вчерашниот протест кој беше организиран против новите мерки кои стапија на сила од денес, а на кој се говореше дека докторите се убијци, а новинарите се платеници. Тој смета дека од протестот не се слушнала никаква реторика или препорака за вакцините.

„За жал тоа беше протест полн со навреди и закани за здравствените работници, тие кои ги жртвуваа животите, но и животите на нивните семејства. Верувам дека сепак пораката за безбедноста на целокупниот тој систем, за вакцинацијата, за важноста да се заштити јавното здравје, треба да им е јасно на граѓаните. Ќе побарам и Лекарската комора да излезе со свој став и осуда за тоа што вчера се случи“, рече Филипче.

Со реакции и осуди излегоа десетици доктори на социјалните мрежи. Меѓу нив, специјалистот по детска хирургија, Владимир Чадиковски и специјалистката по семејна медицина, Марија Михајлова.

„Ова ги преминува сите граници. Ова не нѐ засега само нас, туку и сите наши колеги. Сите оние кои со изминативе две години спасуваат животи на тешко заболени од коронавирусот. Сите кои секојдневно ги жртвуваат своите животи, ги загрозуваат своите семејства и работат со пациенти заразени од коронавирус. Десетици колеги и починаа како последица на коронавирусот. Ова е ‘фала’? Извици со ‘убијци, убијци’? Ова е огромно разочарување, кое освен за медицинарите, е и за општеството. Секој има право на различно мислење, секој има право да си искаже како ги перципира состојбите, да се вакцинира или не.. Но не и на вакви карактеризирања. Никој не бил принуден на лекарски третман, туку секој сам се јавува на лекување. А за ние да лекуваме, сме го посветиле цел живот на образување кое трае и до денеска. Никој не бил натеран ниту на вакцинација, бидејќи секој сам си се изразува според негова воља“, напиша докторката Марија Михајлова.

Доктор Чадиковски, ги повика демонстрантите да протестираат пред болниците, каде, како што напиша, можеби ќе ги убедат пациентите дека не се болни.

„Зошто протести пред Влада и Собрание, по соодветно е пред болниците со болни од Ковид. Може ќе ги убедат дека не се болни! Огромна поддршка за сите колеги кои се бориме против овој вирус, кој ни го промени животот! Разбирам и поддржувам став, мислење, но ова е срамота“, реагираше Чадиковски.

Scroll to Top