„Астразенекa“ поради критиките од ЕУ може да ја зголеми цената на вакцините

пред 3 години

Поради нападите што доаѓаат од ЕУ, „Астразенекa“ може да ги зголеми цените на своите вакцини против Ковид-19 и да се откаже од својата одлука да не профитира од нив.

Имунологот и генетичар Џон Бел, професор по медицина на Универзитетот „Оксфорд“ и лидер на научниот тим што ја разви вакцината на „Астразенекa“/„Оксфорд“, предупредува дека неоправданата критика на вакцината и штети на компанијата.

Бел рече дека на „Астразенекa“ никогаш не и била оддадена почест поради одлуката да не профитира од вакцините и дека нападите од ЕУ и од официјални лица како францускиот претседател Емануел Макрон може да ја доведат во прашање таа одлука.

„Има момент кога ‘Астразенекa’ може да рече ‘мора да се шегувате, ние престануваме да ја наплатуваме само цената на производството затоа што никој не ни оддава почит за тоа што го правиме“, рече Бел.

„Цената на нашите акции падна. Не се зголеми. Ние произведуваме повеќе вакцини од сите други. Ова е секако ефективна вакцина, но никој не се грижи”, додаде тој.

Бел, исто така, рече дека работниците во „Астразенекa“ се сè повеќе фрустрирани, додека другите компании кои произведуваат вакцини, како што се американската „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „Бајонтек“, се збогатуваат.

„Немам проблем со тоа што луѓето заработуваат, но има време и место за сè. Фармацевтската индустрија ни кажува дека е одлично, дека го спаси светот. Да, но вие заработивте огромни суми пари”, додаде Бел.

Scroll to Top