Дански политичари 40 минути држеле состанок по телефон со лажна Тихановскаја

пред 4 години

Дански политичари оваа недела одржале доверлив виртуелен состанок со лице за кое се покажа дека лажно се претставува како опозициската белоруска политичарка Светлана Тихановскаја, соопшти денеска данскиот Парламент.

Членовите на парламентарната Комисија за надворешна политика разговарале со жената која ги измамила цели 40 минути, пред повикот на конференциската врска да биде нагло прекинат, без тие да бидат свесни за тоа.

Во соопштението се вели дека соработници на опозициската политичарка, кои побегнаа во Литванија по изборите во Белорусија на 9 август, им рекле на данските пратеници дека Тихановскаја не учествувала на тој виртуелен состанок.

Заменик-претседателот на Комитетот, Мајкл Ааструп Јенсен, објасни дека состанокот бил замислен како видео конференција, но дека лицето кое погрешно се претставило рекло дека не работи со веб-камера, туку само со аудио.

Тој посочи дека на тој состанок не биле откриени никакви доверливи информации и дека биле преземени мерки за да се спречи сличен инцидент во иднина.

Јенсен исто така рече дека компјутерски експерти откриле дека веб-страницата од која лицето контактирало се наоѓа во Русија. Претседателот на Комитетот и поранешен министер за надворешни работи Мартин Лидегард изјави дека се уште не е познато кој стои зад измамата, но има индиции за руска врска.

Scroll to Top