Израелски тенкови и војска одат кон Газа, мобилизирани 9.000 резервисти

пред 3 години

Израелската авијација денеска продолжи со интензивното бомбардирање на Газа, палестинските милитанти истрелаа нов бараж од ракети кон градовите во срцето на Израел, а конфликтот кој ескалираше во последните неколку дена и се прошири со немири во средините во кои живее мешано арапско и еврејско населениe.

Најмалку 87 Палестинци, меѓу кои и 18 деца, загинаа во израелските напади во изминатите денови, додека во Израел се забележани седум жртви, од кои шестмина се цивили.

Согласно со најавите дека Израел планира копнена инвазија врз Газа, министерот за одбрана Бени Ганц денеска ѝ нареди на армијата да повика 9.000 резервисти, а големи израелски сили, вклучително и тенкови и тешка артилерија, се распоредуваат на границата со палестинските територии.

„Министерот за одбрана Бени Ганц откако ја процени одбранбената состојба во областа, согласно со оперативната потреба, ја овласти ЦАХАЛ итно да мобилизира уште 9.000 резервисти“, се вели во соопштението.

Претходно, портпаролот на израелската армија, бригадниот генерал Хидаи Зилберман изјави дека армијата е „подготвена да започне копнена операција во секое време“. Според „Џерусалем пост“, планот за копнена операција треба да му биде презентиран денеска на началникот на ГШ Авив Кохави.

Милитантите од движењето Хамас денеска повторно истрелаа голем број ракети кон Тел Авив и околината, а во еден таков ракетен удар, ранети се пет лица, соопштија израелските власти, додавајќи дека повеќето проектили се пресретнати од антиракетниот систем „Железна купола“. Нападнати биле и населби во близина на границата и пустинскиот град Бершеба на југот од Израел.

Во исто време, групи од Арапи и Евреи напаѓаа продавници, синагоги и џамии, хотели и автомобили во мешаните средини низ земјата, што е првпат насилството во долгогодишниот конфликт да се закани да прерасне во отворена граѓанска војна. На ова денеска предупреди и претседателот на земјата, Реувен Ривлин, кој повика да му се стави крај „на ова лудило“.

Scroll to Top