Истрага во САД, Трамп наводно незаконски притискал високи функционери да се обидат да ги поништат изборите

пред 3 години

Генералниот инспектор на Министерството за правда на САД, Мајкл Хоровиц, соопшти денеска дека е започната истрага за можно незаконско влијание врз претседателските избори.

Планирано е да се истражи дали актуелни или поранешни службеници во Министерството биле вклучени во обиди да влијаат врз резултатите од изборите. Истрагата нема да ги опфати другите служби и министерства, рече Хоровиц.

Истрагата започна откако „Њујорк тајмс“ објави дека поранешниот заменик јавен обвинител, Џефри Кларк, разговарал со поранешниот претседател Доналд Трамп во врска со смена на вршителот на должност јавен обвинител.

Меѓу водечките луѓе во Министерството, Кларк наводно поттикнувал сомнеж во сертификацијата на резултатите од страна на изборниот колеџ и ги промовирал тезите на Трамп дека изборите се фалсификувани. Претседателот потоа го смени Џефри Розен од позицијата вршител на должноста јавен обвинител и на негово место го постави Кларк.

Барање за ваква истрага дојде од Чак Шумер, демократски лидер на мнозинството во Сенатот, кој во саботата изјави дека „е несфатливо како може еден од првите луѓе во Министерството за правда на Доналд Трамп да прави заговор за поништување на волјата на народот“.

Ова е втора истрага поврзана со обидите на службеници од поранешната администрација за промена на резултатот од изборите.

Хоровиц претходно започна увид во тоа дали официјални лица на Трамп незаконски го притиснале Бјанг Пак, обвинител на САД од Атланта, да преземе чекори за поништување на резултатот од изборите во оваа сојузна држава.

По притисокот од Белата куќа да го стори тоа, Пак поднесе оставка.

Scroll to Top