Реакции во Грција за приоритетна вакцинација на членови на Владата

пред 3 години

Приоритетната вакцинација пред здравствените работници, на членови на грчката Влада, меѓу кои, според медиумите, и генерални секретари и заменици министри и споделување на фотографии на социјалните мрежи предизвика реакции во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас на Фејсбук напиша дека додека вакцинацијата на претседателката на Грција и на лидерите на партиите беше симболичен потег, не се симболични „редиците на министри и генерални секретари за селфи со вакцината, во моменти кога вакцините не се доволни ниту за лекарите од првите линии“.

Генералниот секретар на Федерацијата на здруженија на лекари, докторот Панајотис Папаниколау преку социјалните мрежи соопшти дека вчера во една атинска болница била одложена вакцинацијата на десетици здравствени работници и на нивно место се вакцинирале министри.

Од болницата преку соопштение објаснија дека наместо 61 здравствен работник биле вакцинирани 56 поради грешка во планот и останатите денеска ќе ја примат вакцината, додека пак генералниот секретар на Министерството за здравство Мариос Темистоклеус рече дека доцнењето е поради тоа што биле вакцинирани повеќе лица од претходно предвиденото.

Иако првично беше најавено дека ќе се вакцинираат 45 членови на Владата и функционери, владиниот портпарол Стелиос Пецас, одговарајќи му на Ципрас вчера соопшти дека меѓу 215.000 граѓани кои ќе се вакцинираат до крајот на јануари се и 126 лица кои се целосно неопходни за функционирањето на Владата.

Scroll to Top