Токио воведе ниво на највисока опасност од коронавирус

пред 3 години

Токио денеска го зголеми нивото на ризик од коронавирус на највисоко ниво, откако регистрирани беа рекордни 534 случаи, а тамошниот гувернер повика на претпазливост пред сезоната на прослави на крајот на годината.

Бројот на новоинфицирани е рекорден на ниво на цела Јапонија – телевизијата ТБС пренесе за бројка од 2.259 заразени.

Но, најголема грижа предизвикува ширењето на вирусот во главниот град, кој се надева дека следната година ќе биде домаќин на веќе одложената Олимпијада.

„Бројот на случаи со коронавирус расте и размислуваме кои чекори се потребни, затоа што може да има повеќе од илјада нови инфекции на ден“, рече гувернерката на Токио, Јурико Коике.

Највисокото, четврто ниво на опасност, значи дека „инфекцијата се шири“. Токио досега беше на второто највисоко ниво, она коe гласи „инфекцијата почнува да се шири“.

Поради зголемениот број на новоинфицирани лица низ целата земја, премиерот Јошихиде Суга рече дека владата размислува да воведе ограничувања во работењето на рестораните, но не се разгледуваат драстични ограничувања во поглед на движењето на луѓето.

Суга ги повика граѓаните да бидат внимателни и ја истакна опасноста од инфекција во рестораните и продавниците за храна.

Коике даде нови препораки за посета на рестораните пред почетокот на сезоната на прослави на крајот на годината. Гувернерката препорачува средби со мал број на пријатели, останување најмногу еден час и тивок разговор.

Scroll to Top