Николоски: Барам од Заев интервентен откуп и 10 милиони евра за лозарите, да го исполни она што го ветуваше во 2016 година

пред 4 години

Денеска во Собранието на Република Македонија се одржа јавна расправа во врска со состојбата со откупот на грозјето, по иницијатива на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, чии заклучоци треба да придонесат кон изработка на предлог законски решенија во насока на помош на лозарите. На истата се обрати пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, побара интервентен откуп и 10 милиони евра за лозарите, како и тоа Заев да го исполни она што го ветуваше во 2016 година.

Николоски по средбата со лозарите вчеравечер им се заблагодари на забелешките кои ги добил од здруженијата на лозаро-производителите и вели дека жално и тажно е да се слушаат луѓето, затоа што ова што се случува во Валандовско, Тиквешко, во Гевгелиско и во Росоман навистина е трагедија и катастрофа.

-Јас и во кампањата зборував дека зелената мафија царува во Македонија и таа ја јаде маката на македонските земјоделци, а кога почнуваше кампањата некаде во јуни месец беше тешко да се гледа како се откупува еден килограм краставици за пет денари, уште потажно е да се гледа овие денови како се откупува еден килограм грозје за еден ипол или два денари – истакна Николоски.
Николовски објасни дека за да земјоделецот заработи 100-тина евра, треба да продаде меѓу три до четири ипол илјади килограми грозје, што е тажната вистина за македонските земјоделци.

Пратеникот Николовски го критикуваше премиерот Зоран Заев, затоа што како што вели требало да се појави на јавната расправа, затоа што тој својот мандат, како носител на листа го побарал во 4-тата изборна единица, како и тоа дека својот легитимитет го влече од луѓето кои се таму.

Без разлика што Зоран Заев изгуби и во Кавадарци, и во Неготино, и во Демир Капија, и во Росоман, и во Гевгелија фер е да најде решение за овие луѓе, затоа што премиерот ги претставува нив, рече Николоски и прочита три јавни изјави од Зоран Заев кој се однесуваат на откупот и грижата за земјоделците.

Scroll to Top