Пописот е значаен, смета бизнис заедницата

пред 3 години

Потребата од спроведување попис е неминовна со оглед дека во земјата попис не е спроведен веќе 20 години. Пописот треба да се спроведува регуларно, во однапред утврден период, со дефинирана процедура, да биде сеопфатен и да се темели на најдобрите меѓународни практики, заклучија на денешниот работен состанок претставници на Стопанската комора на Македонија и претставници на Државниот завод за статистика.

Според нид, добиените податоци од пописот ќе овозможат дополнителни информации за сегашните и за идните потенцијали за економски развој, кои ќе бидат од значајна корист за компаниите при дефинирањето на нивните стратешки политики и активности.

-Податоците од пописот ќе им овозможат на компаниите и на властите кои ги дефинираат економските политики во земјата, суштествени информации во повеќе домени, како што се понудата и побарувачката на пазарот, информации за понудата на пазарот на работна сила низ демографската призма и други податоци корисни при конципирањето здрави и добро таргетирани економски политики од интерес на компаниите кои работат во земјата. Податоците од пописот, преку вкрстување со редовните 268 статистички истражувања што ги спроведува тековно ДЗС, ќе значат повеќе информации за економските карактеристики на населението, стои во соопштението по состанокот.

Во однос на начинот и на методологијата според кои би се извела статистичката операција попис, претставниците на компаниите од Стопанската комора на Македонија сметаат дека треба да е во согласност со стандардниот пристап и со стандардната методологија и постапка за спроведување попис во светски рамки.

На состанокот се дискутираа и повеќе теми од заеднички интерес на двете страни, кои ќе овозможат унапредување на соработката.

Scroll to Top