Првпат во сезонава утре ќе работи новата шестоседна жичница „Лајтнер“ на Попова Шапка

пред 3 години

Од утре првпат за оваа сезона ја пуштаме со работа новата шестоседна жичница „Лајтнер“ во Ски-центарот „Попова Шапка“, а користењето на шестоседот на првиот ден на пуштањето е бесплатно за панорамски разглед за посетителите на Попова Шапка, информираат од „ЕЛЕМ Турс“, кој стопанисува со зимскиот центар.

– Станува збор за супермодерна жичница, единствена од ваков вид во земјава. Должината на трасата на жичницата е 1.510 метри, со максимален капацитет за транспорт од 2.400 скијачи на час. Шестоседната жичница е позиционирана на локацијата од Мал Јелак до врвот на ски-лифтот Ајдучка Рамнина (поранешно Ге). По трасата на новата жичница ќе се овозможат нови ски-патеки во должина од над три километри, велат од „ЕЛЕМ Турс“.

Останатите денови, додаваат, шестоседната жичница ќе работи редовно, како и останатите ски-лифтови и жичници од 9 до 15:30 часот. Цената за едно возење на шестоседната жичница од сабота е 150 денари. За сите билети во Ски-центарот се наплаќа повратна кауција во висина од 200 денари.

– Новата жичница со постојните ски-лифтови и жичници ќе овозможи подобар и побрз проток на скијачи и ќе понуди уште поатрактивни скијачки патеки. Со тоа, Ски-центарот „Попова Шапка“ и оваа сезона е вистинскиот избор за скијање и сноубординг и за сите кои уживаат во зимските спортови, порачуваат од ЕЛЕМ Турс и додаваат дека утре на пуштањето во работа на шестоседната жичница ќе присуствуваат министерот за економија Крешник Бектеши и управителот на „ЕЛЕМ Турс“, Адем Авзиу.

Scroll to Top