Јорданов: ВМРО-ДПМНЕ предлага четири викенди без ДДВ

пред 4 години

„СДСМ ги излажа граѓаните. Од ветените 4 викенди без ДДВ во септември, работата ја сведоа на еден викенд без ДДВ со низа недостатоци, во октомври и тоа откако ВМРО-ДПМНЕ направи притисок во јавноста.

СДСМ немаше план да реализира викенд без ДДВ. Ја ветија мерката во септември и не ја реализираа. Потребен беше притисок од ВМРО-ДПМНЕ за да ја предвидат мерката, дури во октомври“, рече Иван Јорданов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

„На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, претставниците на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе предложат амандман во кој наместо еден, ќе се дополнат уште 4 викенди, по еден во месеците ноември и декември 2020 година, како и по еден викенд во јануари и февруари 2021 година.

Така ќе се заштити здравјето на граѓаните и ќе нема турканици во продавниците со македонски производи, а истовремено ќе се зајакнува економијата и ќе се помага на производителите на македонски производи.

Со нашиот предлог реално ќе се помогне на граѓаните, а не само декларативно.

Доколку СДСМ се искрени во намерата да им помогнат на граѓаните, ќе го прифатат овој наш амандман и со тоа ќе го реализираат она што го ветија. Во спротивно ќе покажат дека ја лажеле и манипулирале јавноста во предизборни цели“, изјави Иван Јорданов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

Scroll to Top