Александар Петров: Време е за промена на бугарската стратегија кон Скопје

пред 3 години

Се чини дека преговорите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија повторно влегоа во фаза на стагнација, откако двете страни изградија цврсти и дефинитивни позиции во последните два дена, оценува бугарскиот портал Вебкафе во анализа на македонско-бугарските односи.

Според авторот на анализата, Александар Петров, властите во Скопје говорат за признавање на историските корени на македонскиот јазик и за „неодговорната и тешка геостратешка грешка“ на Бугарија, додека пак Софија ја повторува мантрата дека е најголеми поддржувача на балканското проширување на Европската Унија, а дека Северна Македонија не го почитува Договорот за добрососедство.

– Актуелната состојба меѓу двете земји е доказ дека бура може да се направи и во чаша вода. Буквално до пред неколку месеци, Бугарија беше најсилниот поддржувач на македонската кауза за членство во ЕУ. Сепак, несогласувањата во мешовитата комисија за историски прашања за тоа чив е револуционерот Гоце Делчев, ги изнесе на виделина сите контроверзни прашања, давајќи им глас главно на најбучните националистички и опортунистички гласови од двете земји. Апсолутен факт е дека комисијата за историја дојде до прашање за кое не може да се постигне договор, а македонските историчари претпочитаат да ги одложуваат и блокираат состаноците отколку да продолжат со дискусиите, се наведува во анализата.

Петров посочува дека Бугарија ја направила најсериозната можна грешка со тоа што „ова историско прашање“ го претворила во залог за европската иднина на земјава.

– Постојат неколку причини зошто ветото за Северна Македонија е лош потег, но прво и најважно е непријатната ситуација во која Владата ја става Бугарија – изолација, неразбирање од страна на нашите надворешни партнери и ставање во улога на „лошо момче“, се наведува во текстот.

Според авторот на анализата, бугарското вето само по себе не е толку проблематично, туку проблем е тоа што ваквиот потег ја турка Софија на маргините на ЕУ на „места каде не се носат одлуки за иднината на Обединета Европа“.

– Проблематично е затоа што наместо да ги решава постојните проблеми, (Бугарија) создава нови, а единствените кои имаат корист од тоа се популистите од двете страни на границата. Ако нашата дипломатија беше во можност да се извлече од изолација по прашањето за Северна Македонија, работите ќе беа поинакви. За жал, бугарската кауза сепак не е заштитена во странство, се потенцира во анализата.

Во тексот се нагласува дека никој од европско семејство, па дури ниту оние кои вообичаено ја поддржуваат Владата во Софија – Европската народна партија, не застанале во одбрана на ставовите на Бугарија.

– Ќе беше убаво да се случеше, но не се случи. Наместо тоа, на еден или друг начин, промакедонските позиции осамнаа во голем број западни медиуми, вклучувајќи ги и „Политико“, „Еуроњуз“, „Блумберг“ и голем број други, заедно со многу локални публикации на англиски јазик. Во очите на Западот, темата на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија се повеќе наликува на битка меѓу Давид и Голијат, во која бугарската Влада е претставена како поголем хулиган кој го уценува својот помал сосед со барања да се откаже од неговиот национален идентитет и јазик и да ги прзнае своите бугарски корени. На читателите од Централна и Западна Европа им е тешко да го сфатат значењето на историјата за националната самодоверба, барем не на начинот на кој таа се сфаќа на Балканот. Тоа дека се бараат причини за гордост во минатото, бидејќи во сегашноста тие едноставно се многу малку, не е нешто што може лесно да му се објасни на некого што не е запознаен со оваа работа, смета Петров.

Во тексот натаму се нагласува дека во денешниот целсно биполарен свет каде се се дели на „добри и лоши момци“, Бугарија е вклучена во втората категорија, без оглед на официјалните позиции на бугарското МНР или на Владата, од причина што „повеќето луѓе се внатрешно програмирани да сочувствуваат со послабиот, малтретираниот, малиот, кој сака да се соочи со угнетувањето и заканите на посилниот и да остане сам за да го задржи својот идентитет – ова е заговор од најмалку една третина од холивудските филмови со кои сите се храневме повеќе од 30 години“.

– Во поинаква ситуација, послабиот може да биде Бугарија, но во моментот нарацијата негувана од македонските дипломати, новинари и јавни личности, е таква што нашата земја ја добива улогата на хулиган. Бугарското Министерство за надворешни работи остана да се жали на „македонската пропаганда“. Прашање е дали таа македонска пропаганда ќе за вршеше некаква работа, ако не беше очигледно дека некои големи европски земји, предводени од Германија, во овој случај не се на бугарска страна, се нагласува во анализата.

Според авторот, во ваква ситауција на сите во Европа им е јасно дека доколку Северна Македонија сега не започне преговори со ЕУ, Русија, Турција, Кина, па дури и земји од арапскиот свет и Иран, ќе се обидат да го засилат своета влијание врз државата.

– Фактите се такви што Владата започна спор кој, барем засега, на нашата земја и носи повеќе негативни отколку позитивни работи. Нашата меѓународна репутација паѓа на опасни нивоа. И покрај тоа, заедно со извештаите за владеењето на правото во нашата земја, за Бугарија најмногу се зборува со негативен тон, а сегашната состојба наведува многумина да мислат дека можеби приемот на Софија во Обединета Европа во 2007 година беше грешка, што сега не треба се повтори и со Шенген зоната, се додава во текстот.

Според Петров, Северна Македонија може нема да започне разговори за членство во ЕУ, но може да лобира во другите европски земји да ја турнат Бугарија во „ќошот со непослушните“, со што идејата за обединување на Балканот во рамките на ЕУ, која ја промовира бугарската Влада, се повеќе бледнее.

Тој потенцира дека наместо да работи на зголемување на трговијата со Северна Македонија и да гради заедничка балканска моќ што во одреден момент во иднина може да стане моќно лоби во Советот на ЕУ, Бугарија избрала да се враќа кон минатото и ситните расправии за историски прашања.

– Сега е време да се запрашаме дали вреди целата оваа упорност. Упорното инсистирање нема да и донесе ништо добро за Бугарија – напротив. Станува јасно дека Македонците нема шанса да попуштат пред нашите сегашни барања, а антибугарските чувства само стануваат посилни и погласни. Ако ова некому му звучи како победа, време е сериозно да размисли за значењето на зборот победа. Такво нешто ќе не доведе до две можни сценарија – или Северна Македонија во одреден момент конечно ќе влезе во ЕУ сеќавајќи се на трајното бугарско вето и проблемите со Софија или ќе станеме соседи со земја чија политика на крајот ќе ја диктира Русија или Кина, се оценува во анализата.

Според Петров, крајно време е Бугарија да се откаже од сегашната стратегија, која и носи само проблеми.

– А, Министерството за надворешни работи, наместо да се жали од официјални позиции, може повторно да ги преземе работите во свои раце и да престане да им доверува важни дипломатски прашања на коалициските партнери и овојпат да направи нешто значајно по ова прашање. Се надеваме дека се уште има доволно време за тоа, се заклучува во анализата.

Scroll to Top