Ангеловска-Бежоска: Функциите на НБРМ овозможуваат нејзина независност

пред 3 години

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, имаше излагање на Конференција на високо ниво на централната банка на Белгија, каде што свои излагања имаа и европскиот комесар за правда, Дидje Рејндерс, претставникот на ММФ, Вaутер Босу и гувернерите на централните банки на Хрватска и Молдавија.

На Конференцијата како што информираат од кабинетот на гувернерката, се разгледувале теми поврзани со примената на правото, со посебно внимание на правото во централнобанкарското работење, во Европската Унија и во земјите кандидатки за членство во Унијата.

Ангеловска-Бежоска истакна дека согласно со редовните оцени од страна на Европската Комисија, законската рамка во однос на поставеноста и функциите на Народната банка е оценета позитивно и оваа рамка овозможува независност во работењето на централната банка, што е клучен предуслов за кредибилитетот на работењето и постигнувањето на основната законска цел, одржување на ценовната стабилност.

„Важноста на одржувањето на независноста на централните банки уште повеќе се истакна во периодот по глобалната економска криза, кога покрај традиционалниот мандат, ценовната стабилност, централните банки добија повеќе нови надлежности и започнаа да користат повеќе нови инструменти коишто имаат посилни редистрибуциски ефекти во економијата. Во такви околности, исто така, потребно е постојано да јакне транспарентноста и отчетноста во нивното работење“, истакна гувернерката.

Зборувајќи за примената на правото во домашната економија, Ангеловска-Бежоска нагласи дека институционалните фактори, вклучително и правниот систем се значајни детерминанти за странските инвестиции, коишто се особено значаен двигател на растот на малите и отворени економии, како што е македонската.

Scroll to Top