Битола доби парк наменет за домашните миленици

пред 3 години

Во долниот дел од Градскиот парк во Битола, од денес граѓаните ќе можат да ги носат своите домашни миленици во посебен парк, во кој се сместени реквизити за забава на кучињата и клупи за сопствениците, како и специјални канти наменети за отпад од милениците.

„Голем дел од нашите сограѓани имаат домашни миленици, но во зависност од нивниот простор на живеење, немале досега можност да имаат огранизиран простор каде што ќе ги носат нивните миленици. Добробитот е двоен, бидејќи милениците имаат каде да се растрчаат и да имаат свои активности, а од друга страна со самата ограденост, заштитени се останатите граѓани. По согледувањата на граѓаните, барање за ваков простор постои и во горниот дел од градот, во Нова Битола. Идејата е добра и ќе даде можност повеќе, бидејќи оддалеченоста од оваа локација е голема“, истакна битолската градоначалничка Наташа Петровска.

Паралелно со акцијата за поставување на паркот, ЈП „Комуналец“ обезбеди дополнително осветлување на овој простор, со цел граѓаните да можат да остануваат и подоцна во вечерните часови.

„Би сакал да укажам на правилата кои се запишани на поставените табли на двата влезови, да се чува инвентарот, а отпадот од кучињата граѓаните да си го ставаат во корпите за таа намена, за да можеме паркот да го одржуваме во добра кондиција“, истакна директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.

Бранко Тасевски, вработен во ЈП „Комуналец“ и претседател на битолското кинолошко друштво, посочи дека Битола е трет град во државата, кој има специјален парк наменет за домашните миленици – кучињата.

Scroll to Top