Бошњаците ќе го поддржат пописот, најавуваат кампања за подигнување на свеста

пред 3 години

Бошњаците целосно го поддржуваат пописот на населението во кој ќе се вклучат со сите свои ресурси, изјави денеска Аделаид Каришик, координатор на „Координативното тело на Бошњаците“

На денешната прес-конференција беше посочено дека невладините организации „Шадрван“, „Лилиум Боснија“, „Диван Хана“, „Едуниса“, „Диван“, Форумот на Бошњаците, Бошњачката културна заедница и „Лиљан“, пратеникот Зекир Рамчиловиќ и колумнистот и политички аналитичар Џелал Хоџиќ застануваат зад оваа иницијатива, за доброто на Бошњаците.

Каришик најави и започнување на кампања во сите урбани и рурални места каде живеат Бошњаците. Главниот слоган на кампањата ќе биде „Битно је бити Бошњак/Бошњакиња“.

-Ќе организираме средби со Бошњаците во Скопје, Чаир, Бутел, Велес, Петровец, Долнени, Сарај, Студеничани, Градско, Струга, Тетово и сите други општини и населени места каде што живеат Бошњаци. Ќе делиме промотивен материјал согласно целта на кампањата. Ќе бидеме присутни на медиумите и социјалните мрежи, ќе поканиме во иницијативата да учествуваат и други интелектуалци Бошњаци, како од нашата држава, така и од БиХ, Санџак, Црна Гора, Србија, Косово и дијаспората. Во кампањата ќе вклучиме влијателни уметници, спортисти, писатели, политичари и други личности, рече Каришик.

Посочи дека е потребен успешен попис од кој ќе произлезат релевантни резултати врз основа на кои ќе градат политики за подобар статус на Бошњаците во Северна Македонија, но и политики за напредок на целата држава.

-Како претходно, така и денес невладините организации покажуваат голема општествена одговорност и имаат направено многу за Бошњаците, дури и многу повеќе од партиите кои се декларираат како такви, а и на нас, кои сме носители во моментот на јавни функции, ни се најдобри коректори и критичари, изјави пратеникот Зекир Рамчиловиќ и додаде дека очекува максимална поддршка од невладините организации.

Scroll to Top