Вакцинацијата со „Синофарм“ стартува во вторник, апели за почитување на протоколите за Велигден

пред 3 години

Во пресрет на велигденските и првомајските празници вчера изутрина во Скопје пристигнаа 200.000 вакцини на кинески „Синофарм“ и најдоцна до понеделник ќе бидат дистрибуирани во салата „Борис Трајковски“ и во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, по што од вторник со нив ќе стартува масовната вакцинација. Во исто време, премиерот Зоран Заев и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан упатија апел до православните верници за почитување на антиковид мерките при чествувањето на Велигден.

При приемот на кинеските вакцини во поликлиниката „Јане Сандански“, министерот за здравство Венко Филипче најави дека наскоро се очекуваат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер“, со што очекува до почетокот на летото да имаме висок процент на вакцинирано население и целосно менување на епидемиолошката состојба. Засега е неизвесно пристигнувањето на вакцините на „Астра Зенека“, имајќи ги предвид случувањата со вирусот во Индија која воведе забрана за извоз на вакцини, а дел од овие дози преку КОВАКС системот треба да пристигнат и од индискиот Институт.

Според Филипче, пунктовите за вакцинација се веќе подготвени.

– Некаде бројката на граѓани што ќе се вакцинира на ден ќе биде помеѓу 10.000 и 15.000 илјади, најави министерот за здравство.

Во претстојното вакцинирање акцент ќе се стави на граѓаните коишто се веќе пријавени, тие кои веќе чекаат и според возраста и според приоритетот на пријавување. Филипче апелираше граѓаните да се пријават на сајтот vakcinacija.mk и оттука ќе се генерираат приоритетите.

– Ќе добијат или СМС порака или меил или двете во форма на известување и согласно тоа ќе бидат закажани во соодветен пункт во соодветно време, изјави Филипче.

Тој додаде дека доколку не стасаат вакцините на „Астра Зенека“ до термините за ревакцинација на нашите државјани кои со оваа вакцина се вакцинираа во Србија, со српските здравствени власти е разговарано и тие вакцини од таму да бидат донесени кај нас и тука да се спроведе ревакцинацијата.

Српската премиерка Ана Брнабиќ вчера информира дека од денеска сите граѓани што се вакцинирани, ќе добијат дигитален ковид-сертификат.

– Благодарение на ИТ системот, можеме да имаме целосно електронски ковид сертификати, изјави Брнабиќ, додавајќи дека Србија ги споделила своите сертификати со Светската здравствена организација (СЗО), како и со некои други земји, наведувајќи дека верува оти тие ќе ги прифатат.

Директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје, Крунослав Цапак, пак, информира дека официјално е решено луѓето во Хрватска кои прележале Ковид-19 да примаат само една доза вакцина.

– Сега веќе има доволно податоци дека втората доза по закрепнување од болеста не придонесува за нивото на антитела, рече Цапак, додавајќи дека втора доза вакцина треба да ја прими лице кое во меѓувреме се разболело и тоа три до шест месеци по закрепнувањето.

Европската комисија вчера соопшти дека еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји в понеделник со посета на Србија ја започнува турнејата низ земјите од Западен Балкан, со чии официјални претставници ќе разговара за одговорот на пандемијата и за поддршката на ЕУ. Во вторник Вархеји ќе ги посети Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а потоа в среда ќе престојува во Албанија и Косово.

Турнејата на Вархеји низ Западен Балкан е по повод доставувањето на првите вакцини против Ковид-19 со финансиски средства од Европската Унија. Вархеји истакна дека патува во земјите од Западен Балкан со цел да пренесе јасна порака дека ЕУ се грижи за своите партнери.

Европската комисија и Австрија на 20 април најавија дека на земјите од регионот ќе им бидат доставени вкупно 651.000 дози вакцини од „Фајзер/Бионтек“ во неделни транши, во периодот од почетокот на мај, па до август.

Во пресрет на најголемиот православен христијански празник на победата на животот над смртта, премиерот Заев вчера во објава на Фејсбук апалираше до верниците наместо во храмовите празниците да го чествуваат дома во кругот на семејството.

– И оваа година да се воздржиме од посета на црквите и манастирите и да ја упатиме благодарната молитва во нашите домови и во кругот на нашите семејства да го дочекаме светлиот ден – Воскресение, кога нашите срца ќе бидат преплавени со вечната светлина и надеж од веста за победата на животот над смртта, и со нова, обновувачка сила да извојуваме победа против искушенијата со вирусот, напиша Заев на својот фејсбук-профил.

Според него, ако сепак решат да одат во црква, верниците да ги послушаат препораките на свештенството и да се придржуваат на мерките за заштита од Ковид-19, заради себеси и заради другите.

– Да ја чуваме надежта што ја носи со себе Велигден дека оваа кризна состојба ќе биде надмината и ќе се вратат деновите кога ќе можеме да се собереме во нашите храмови и заедно да се радуваме на Христовото Воскресение, порача Заев.

И архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во велигденското обраќање повика на прифаќање и на спроведување на предвидените антиковид мерки, како и на претпазливо чување на своето и на здравјето на другите.

– Живееме во време со постојани искушенија. А како и сиот свет, и ние се соочуваме со здравствени проблеми – со ширењето на заразната болест, кое продре во сите сегменти од живеењето. Затоа татковски повикувавме и повикуваме на трпеливо прифаќање и на спроведување на предвидените мерки, на претпазливо чување на своето и на здравјето на другите, како и навремено примање на соодветни лекарства и вакцини. Исто така, потребно е да се оддадеме и на постојана молитва: и за тие што боледуваат, и за тие што се трудат околу нив, како и за душите на оние коишто починаа од последиците на болеста, потенцира архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ порача дека она што како лекција мора да го научиме е дека заедно со процесот за вакцинација, примената на толку едноставните мерки за заштита од Ковид-19 е од круцијално значење за спречување на пандемијата, додавајќи дека не очекува олеснувањето на мерките за време на велигденските и првомајските празници да резултира со зголемување на бројот на новозаболени од Ковид-19.

– И покрај олеснувањето на мерките, тоа не значи дека не треба да се почитуваат заштитните мерки. Маската и дистанцата се минумум мерки што секој еден поединец треба да ги применува, за своето, но и за општото добро, потенцира Стевановиќ, апелирајќи до граѓаните да не се собираат во поголеми групи во своите домови за време на Велигден и дека ако веќе сакаат да го чествуваат празникот со членовите на своите пошироки семјества тоа да го направат на отворен простор во природа.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, во деноноќието меѓу четвртокот и петокот се направени 2.820 тестирања, при што се регистрирани 365 нови случаи на Ковид-19, како и 594 оздравени пациенти и 37 починати лица, од кои 10 починале во период од 15 до 25 април 2021 година.

Како што соопшти Министерството за здравство, од почетокот на епидемијата, па до вчера, вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во земјава достигна 152.367, оздравееле 132.765 пациенти, а починале 4.855 лица. Во текот на вчерашниот ден бројот на активни случаи во земјава изнесуваше 14.747.

Министерството за здравство информира и дека бројот на приеми на ковид-пацинети во болниците во изминативе денови се намалува, при што вчера на инфективните оддели низ земјава вкупно се лекувале 1.165 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот и имало околу 670 празни болнички кревети во ковид-центрите.

Scroll to Top