(Видео) Арсовски: Власта за 3 години потрошила 8 милиони евра за луксузни автомобили

пред 4 години

За само 3 години, функционерите на Владата на СДСМ набавиле 392 возила за институциите, а набавките вкупно чинеле 8.130.000 евра, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Се купувале најскапите и најлуксузните автомобили, лимузини и џипови кои чинат и над 40.000 и над 50.000 евра. Има и такви кои што достигнуваат и до над 60.000 евра“, вели Арсовски.

Додава дека она што е многу симптоматично е што над 70 отсто од набавките биле само со понуда од 1 набавувач, што отвара сомнеж дека функционерите кои ги набавувале овие возила, точно знаеле какво возило сакаат да набават и така ги правеле условите во тендерот, со што однапред фаворизирале возило што им се допаѓа.

„Исто како да купуваат автомобил за дома, но не со нивни пари туку со парите на граѓаните. Токму така ги бирале автомобилите“, рече Арсовски.

Истакна дека меѓу институциите што набавиле луксузни џипови од над 45.000 евра вредност по автомобил е и Агенцијата за европски образовни програми и мобилност. Оваа институција, како што рече Арсовски, минатите години ја водеше Лидија Димова, а за која вчера беше отворен случај од страна на антикорупциската комисија за проневера на финансиски средства.

„Тоа е и повеќе од јасно зошто треба да се преиспита буквално се во таа институција“, дециден е Арсовски.

Додава дека додека дел од граѓаните немаат основни услови и компјутери, ИТ-уреди за онлајн настава на над 40.000 деца, функционерите на СДСМ уживаат возејќи се во службени автомобили со кожа, луксуз и масажери.

Scroll to Top