(Видео) Заев и Шахпаска: Целосно обновени градинка и народна кујна за Шуто Оризари

пред 3 години

Премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во посета на народната кујна во скопската населба Шуто Оризари.

„Општинската народна кујна е пример на кој можат да се угледаат и другите општини каде што живее население во социјален ризик. Посебно сакам да ја истакнам улогата на волонтерите во народната кујна, готвачите и оние што ја разнесуваат приготвената храна на своите сограѓани. Сакам да им честитам на сите општествено одговорни компании и фондации кои учествуваат со свои донации народната кујна секојдневно да ја исполнува својата хумана мисија“,рече Заев.

Во рамки на посетата, премиерот Заев и министерката Шахпаска направија увид и на втора фаза на изградба на детската градинка и центарот за деца од улица.

„Целосната обнова на градинката „8 април“ и на Центарот за деца од улица, кои беа опожарени во 2017 година, е во втората фаза, откако во првата беше завршен еден дел од градинката кој веќе функционира со капацитет да згрижи 150 деца. Министерството за труд и социјална политика учествува во опремување на градинката во вредност од 6.5 милиони денари, додека градежните активности се реализираат со 1.5 милиони долари од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград преку УНДП“, објасни премиерот.

Додаде, дека во новиот објект се обезбедени услови според највисоките стандарди за енергетска ефикасност, како и стандардите за пристапност за децата со попреченост да уживаат еднаков пристап со своите врсници.

Министерката Шахпаска ја поздрави иницијативата на Општина Шуто Оризари за отворањето на народна кујна, која што обезбедува оброци за лицата од социјален ризик.

„Покрај грижата за најранливите, високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика е и грижата за најмладите. Денеска ја посетивме градинката „8 април“, која е еден заеднички и партнерски проект со Кралството Норвешка и УНДП. Нашата цел е да се догради и вториот дел, со кој би се опфатиле вкупно 306 деца, од кои 70 во јасли. Ова значи и овозможување на мајките да се вклучат на пазарот на трудот“, истакна Шахпаска.

Изградбата на Центарот за деца од улица е планирано да заврши во мај оваа година со што се обезбедува згрижување на 100 деца од улица на возраст од 5 до 13 години со целодневен престој под грижа на 8 стручни работници.

Scroll to Top