ВИДЕО: Можеме и треба да бидеме задоволни од европскиот извештај, смета Димитров

пред 4 години

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, одржа заедничка прес-конференција со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, на која беше презентиран Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2020 година, како и пакетот за проширување.

Заменик-претседателот на Владата Димитров потсети дека периодот на известување, особено вториот дел од периодот што го покрива извештајот беше полн со предизвици кои нужно влијаеја на динамиката на реформите.

„Покрај пандемијата, здравствената криза во која сè уште се наоѓаме и ние и светот, подолг временски период имавме техничка влада без политички мандат и нефункционално Собрание. Сепак и во вакви ограничувачки услови Северна Македонија постигна напредок, може и треба да бидеме задоволни од целокупната оценка на Европската комисија“, истакна Димитров, при што нагласи дека радува нотираниот напредок во спроведување на европската агенда, особено во четирите клучни области посочени од заклучоците од Европскиот совет: реформа на правосудството, борбата против корупција, реформа на разузнавачките служби и реформа на јавната администрација.

Осврнувајќи се на напредокот во правосудниот систем, Димитров потенцираше дека како резултат на реформите Северна Македонија има воспоставено механизми кои обезбедуваат независност и отчетност на правосудството.

Димитров истакна дека во споредба со минатата година забележан е добар напредок во борбата против корупцијата што произлегува од преземените активности за откривање, гонење и судење на случаи на висока корупција, како и проактивната улога на Државната комисија за спречување на корупцијата, која отвори предмети за корупција вклучително и за функционери од власта и членови на опозицијата.

„Состојбата и климата во која работат медиумите овозможуваат слобода на медиуми и критичко известување. Клучните препораки за идниот период се реформа на јавниот радиодифузен сервис, за што ќе биде потребно во најбрз можен рок избор на Програмскиот совет и на релевантната односната агенција за аудио-визуелни медиуми, борба против дезинформации, но и ефикасно санкционирање на сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинари. Во однос на реформата на јавната администрација има напредок од аспект на зголемување на транспарентноста заради, меѓу другото и донесување на Стратегијата за транспарентност, но треба доследно да се спроведува законската рамка за вработувања во јавниот сектор, почитувајќи ги принципите на заслуги (мерит), транспарентност и правична застапеност. Меѓуетничката состојба е оценета како стабилна, се нотира за прв пат и формирањето на предизборна коалиција со партии од различна етничка припадност (меѓу СДСМ и Движењето БЕСА)“, нагласи Димитров.

Вицепремиерот упати и благодарност за обезбедените девет милијарди евра за поддршка на реформите во регионот преку Економско-инвестициски план, дел од кои средства кои ќе бидат наменети за Македонија, а ќе бидат употребени за завршување на веќе започнати, но и на нови проекти како: изградба на пречистителната станица во Скопје, изградба на железничката секција Куманово – границата со Бугарија, како дел од европскиот коридор 8, изградба на регионални центри за третман на цврст отпад, изградба на гасоводно поврзување со три од нашите соседи Србија, Косово и Грција, инвестиции во централи за обновливи извори на енергија (како што се посочени во планот за ветерна и сончева енергија), поддршка на млади преку програмата Младински гаранции итн.

„Ние во СЕП сме свесни дека со новата методологија за пристапување и почетокот на преговори, фокусот на Европската комисија и земјите членки ќе биде зајакнат и очекувањата за исполнување на обврските ќе бидат зголемени. Северна Македонија во изминатите години докажа дека не се плаши и не се повлекува пред предизвиците и оттаму, подготвени сме во партнерски однос со Европската комисија, со Делегацијата на ЕУ, со амбасадорот Гир, да одговориме на сите задачи до одлучно остварување на заедничката цел – членство во Европската Унија и носење на европските стандарди и принципи дома“, порача Димитров.

Scroll to Top