ВИДЕО: Наместо само иселениците секој може да се попишува, Симовски обвинува за упад во системот

пред 3 години

Веб-сајтот преку кој треба да се попишува населението кое живее во странство со повеќе аномалии и пропусти, апелираат програмерите, но, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, тврди дека тоа не е така. Иако сајтот не дозволува да се попишат лица кои се во Македонија, сепак, со користење на бесплатна алатка за „ВПН“ може да се пристапи до него и да се внесат податоци. Па така, освен иселеници, преку веб-сајтот можат да се попишат и лица што се во Македонија. Практично, ако лицето кое сака да се попише е во Македонија, може да направи подесување за ВПН, што ќе ја маскира ИП адресата која ја користи и веб-сајтот да го гледа како лице кое пристапува до сајтот од странство. Неретко, на крајот од пополнувањето на формата за попишување, сајтот знае и да „падне“, односно да не ги меморира внесените податоци.

Ваквиот проблем, остава и простор, некој да ја блокира базата со користење на т.н. „ботови“, односно внесување на лажни информации. Но, за директорот на државниот завод за статистика, Апостол Симовски, тоа не е безбедносен проблем, туку удар врз системот кој се казнува. Тој тврди дека пристапот до сајтот преку алатки не е недостаток на сајтот за попишување и дека системот е супер. Тој најави и казни за лицата кои пристапувале до сајтот со „ВПН“, но не знаеше да каже како ќе се лоцираат со оглед дека, со алатката, при пристапот, веќе корисникот ја сокрил неговата ИП адреса.

„Се сè регулира и се сè проверува и казнува. Тоа е кривично дело за кое е предвидено и до три години затвор. Системот е безбеден и супер. Ова е упад, намерен, а некои сакаат да проверат и од радозналост. Но, некогаш има и намера. Имаме мерки за заштита и се сè, односно регистрира и ќе се казнува. Јас не би можел да кажам како, за тоа има стручњаци. На крајот, водевме многу сметка за безбедноста, потрошивме премногу време и пари. Сајтот не чинеше ништо, мерките се прават пошироко, дополнително.. Апсолутна заштита има, безбедени се податоците“, вели Симовски за „А1он“.

Во однос на укажувањата од иселениците дека сајтот не ги меморира податоците и дека успеваат да се попишат по повеќе обиди, Симовски тврди дека не е така.

„Грешка појавува ако погрешат нешто, тогаш ги враќа назад. На секое прашање има кратко упатство. Во текот на вчерашниот ден имаше преку 10 илјади пополнети прашалници. Сега, сите грешиме, затоа, кога ќе има грешка, системот му кажува на корисникот. Сајтот не ‘паѓа’“, додава Симовски.

Scroll to Top