(Видео) Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на постапката за ДУП во Расадник

пред 4 години

„Во интерес на вистината денес како советничка група ја свикавме оваа прес конференција. Денес како Совет имавме продолжение на 43. седница на советот откако претходно наше барање и наше напуштање на советот минатата седница беше прекината, бидејќи мнозинството од страна на СДСМ не сакаше да одобри изгласување на предлог-точка од наша страна, а тоа е повлекување на предлог постапката за ДУП-от за Расадник и условување на градоначалникот да отпочне нова постапка во која јавно и транспарентно ќе се вклучат сите општествени чинители, ќе се вклучиме ние како советници, ќе се вклучат останатите советници од СДСМ од нивните редови, но пред се ќе се вклучат и граѓаните во Расадник“, изјави Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ. „Ние како советничка група секогаш сме во дослух со граѓаните, како советничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија и секогаш работиме исклучиво во интерес на граѓаните на општина Кисела Вода. Ние никогаш не сме биле против интересот на нашите сограѓани овде. Напротив ние работиме во насока да ги заштитиме нивните интереси, на огромна група на граѓани од Расадник кој што знаат со каков проблем би се соочиле. Би се соочиле со нови 30.000 жители таму, би се соочиле со една бетонизација на таа површина во Расадник, би се соочиле со на 5.000 нови возила во таа површина се со цел некои поединци да профитираат од сето тоа. Дојдоа , пристапија кон нас и ние во таа насока побаравме од страна на градоначалникот да запре оваа постапка и да отпочнеме нова постапка со која што би ги слушнале граѓаните и секако не би дозволиле бетонизација на населба Расадник, додаде тој. Советничката група повторно побара да ни се овозможи и тајно гласање по однос на оваа точка. „Градоначалникот знае дека во услови на тајно гласање нема да може да ги притиска советниците од нивните редови бидејќи изминатиот од неколку дена имаше и такви од нивната страна советници кои што пријдоа и до мене како координатор на советничката група од ВМРО-ДПМНЕ, но и до останатите советници и тврдат дека не се согласуваат со сето ова лудило кое што го планира Темелковски на тој простор во Расадник, побаравме тајно да се гласа. Филип Темелковски не дозволи тајно гласање, што значи на нас како советничка група елементарното право, правото на глас денеска ни беше оневозможено“, додаде тој. Ѓорѓиевски вели дека не се против нови атмосферски и фекални канализации, кои што исто така не се градат изминативе три години, не се против интересите на нашите сограѓани, туку се против градежната мафија која што сака околу сто нови згради да донесе на површината слободна во населба Расадник. „Мораме да работиме во интерес на граѓаните и токму заради таа причина, а дополнително и со тоа што нас ни беше оневозможено основното човеково право правото на глас денеска да го оствариме како советници избрани од над шеснаесет илјади жители овде во Кисела Вода ја напуштивме и денешната седница. Советот продолжи да функционира насилно со тоа што се повикуваат на некоја си одлука од страна на министерството, не е одлука – тоа е укажување од страна на Министерството за локална самоуправа, кадешто дванаесеттиот советник без верификуван мандат има право да присуствува, да прави кворум, но нема право да одлучува на седница на совет. Ние таа одлука и ова грубо кршење на човековите права на сите граѓани овде во Кисела Вода ќе го оспориме и до Уставниот суд. Нема да запреме овде и нема да се повлечеме се додека не се задоволат потребите на граѓаните во населба Расадник и во цела општина Кисела Вода“, додаде тој.

Scroll to Top