(ВИДЕО) Четири години од крвавиот „27 април“: Насилниците стана уставобранители, новинарите не се новинари, организаторите не се организатори

пред 3 години

Поминаа четири години од упадот во Собранието и крвавите инциденти. Осудените насилници станаа уставобранители и добија намалени затворски казни од Апелација. Во исто време, судот им ги одби тужбите на повредените новинари оценувајќи дека не се новинари, ниту убиени. И натаму нема пресуда за лицата кои се гонат како организатори на крвавиот упад, а процесот трае.

Четворица осомничени и обвинети се во бегство, меѓу кои и Никола Груевски. Тој пред да избега го осудуваше насилството и повикуваше насилниците да одговараат.

„Сакам да го осудам насилството, повикувам институциите да направат брза и ефикасна истрага и да ги откријат виновниците, да обезбедат докази, да ги изведат пред судот оние кои нанесоа повреди на пратениците и граѓаните“, рече Груевски пред четири години.

Заев како сведок го посочи Груевски како организатор, но не и останатите обвинети.

„Не мислам дека главни осмислувачи и организатори се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и другите тука. Според мои сознанија, овие луѓе се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски, рече Заев.

На протести се бараше слобода и за осудените насилници кои заедно треба да одлежат 188 години затвор.

„Патриотите не се терористи, тие се родољуби“, рече актерката Арна Шијак на протестот за слобода на осудениците за „27 април“.

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, насилниците се неправедно осудени.

„Народот денеска е излезен во поддршка на луѓето кои што го бранеа Уставот“, порача Мицкоски од протестот.

На ставовите и протестите, дел од новинарите кои известуваа за насилниот упад гледаат како разочарување.

„ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се огради и извини, продолжува да дава поддршка на организираниот упад во парламентот“, вели Наташа Стојановска, новинарка во телевизијата „Телма“.

„Граѓанската војна беснееше, цивили поседуваа оружје, слушавме повици дека ќе убијат пратеници“, вели новинарот Аднан Ќаили од „Алсат“.

„Тие што бранат уставонапаѓачи, за жал, се исти како нив, ама никако не се уставобранители“, новинарката Соња Делевска од „СДК.мк“.

На протестите излегоа и лицата кои со амнестија се спасија да не одговараат за насилниот упад, меѓу кои Богдан Илиески, Владо Јовановски, Јохан Трчуловски, a на улица повика и амнестираниот Борис Дамовски.

Епилогот од „крвавиот четврток“ беше раскрварени функционери, повредени медиумски работници и полицајци, трауми за присутните, демолирано Собрание.

Scroll to Top